ВМРО-ДПМНЕ денеска презентира свои идеи за начинот на кој треба да се организира наставата во новата учебна година. И тие сметаат дека училиштата и градинките треба се отворат, но потенцираат дека, според нив, ниту ресорното министерство ниту Комисијата за заразни болести не покажала доволна инвентивност за изнаоѓање на решение за отворање на училиштата и почеток на наставата.
Според нивниот предлог, часот во училиштата каде ќе се одвива физичка настава треба да трае 20 минути и тоа со една паралелка во една училница.
„Часот треба да трае 20 минути за да се зачува работното време на наставниците кои ќе работат со групи по 15, наместо по 30 ученици. Доколку часот трае подолго, наставниците ќе имаат подолго работно време oд 8 часа. Прекувремената работа на наставниците треба да биде со нивна согласност и бараме истата да им биде платена“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие сметаат дека е во ред што ресорното министерство го прифатило нивниот предлог, сите часови да бидат снимени и достапни на учениците во секое време, но велат дека не треба да се присилуваат наставниците пред време да ги снимаат часовите, со оглед дека не се знае по која програма ќе треба да работат.
ВМРО-ДПМНЕ е на став дека наставниците треба да работат од училиште а не од дома и тоа на таков начин што еден наставник ќе држи часови во иста училница. .
„На вака организираниот час може да присуствуваат деца кои немаат соодветна опрема за да следат онлaјн-настава, со сите преземени мерки за заштита. Тие сигурно нема да бидат пoвеќе од 15 во една паралелка. За вака да работат наставниците, заедно со општините, треба да се обезбеди по еден компјутер во секоја училница и солидна интернет врска за часот непречено да се одвива“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека за да можат наставниците да работат од училиште, треба да се отворат и градинките бидејќи наставничките со деца помали од 10 години ќе мора да работат од дома.
„Ако недостасува персонал за организирање на дневниот престој, треба да се ангажираат студенти од последните години на студии на наставничките факултети“, сугерираат од партијата.
Во однос на практичната настава во средните стручни училишта, тие сметаат дека таа треба да се организира во групи од по пет ученици, во повеќе смени а за онлајн-наставата, предлагаат да се одреди една или најмногу две унифицирани платформи за нејзино спроведување и да се организира обука за нејзина употреба.
Во спротивно, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, со капацитетот кој досега го покажа Владата на СДСМ и Комисијата за заразни болести, и ова полугодие од школската година, според нив, ќе помине неорганизирано и хаотично.