Според МОН, доколку не стивне пандемијата на ковид-19, една од опциите за училиштата е да има комбинирана настава со ротации на учениците од една паралелка – едни да одат во училиште, а други да ја следат наставата од дома
Министерството за образование е на став дека учениците од 1 септември треба да се вратат во училишните клупи, под посебни протоколи и со почитување на мерките за заштита од ковид-19.
Следната недела, работната група на МОН ќе има средба со Комисијата за заразни болести за да се утврди конечна верзија на плановите и протоколите како да се одвива наставата во услови на пандемија.
Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска за МИА изјави дека се надева оти до 10 август протоколите ќе бидат усвоени од Владата и ќе бидат презентирани во јавноста.
„Имаме модели и оставаме самите локални самоуправи, кои имаат и кризни штабови, да направат проценка кој модел што ќе го понудиме и во кој период ќе биде корисен според епидемиолошката слика. Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема заболени од вирусот. Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број ученици. Наставата со физичко присуство ни е важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат преку компјутер, а има и родители кои не можат или не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца“,
изјави Наумовска за МИА.
Таа посочи дека онаму каде што ќе има учење од далечина не значи дека моделот е-настава ќе се применува во текот на целата учебна година, туку додека трае опасноста од вирусот и ќе може да се преминува од еден во друг модел.
Објаснува дека комбинирана настава би се применувала со ротации на учениците од една паралелка – едни кои ќе одат во училиште и други кои од дома онлајн во исто време ќе ја следат наставата. Ротирањето би било на две недели. Така вели, би се растоварил и превозот на учениците, зашто протоколите за превоз, исто така, налагаат најмногу 50 отсто исполнетост од капацитетот на возилото.
Комбинираната настава е во план да се применува кај поголемите паралелки.
Наумовска рече дека за оние со максимален број ученици, во Скопје и во други големи градови ќе бараат општините да помогнат со дополнителен државен простор каде што учениците ќе може да бидат распоредени.
Независно кој модел на настава ќе биде избран, предвидено е часовите да бидат скратени, а за најмалите да траат 20 минути.
За е-настава ќе се дефинира платформа што ќе се применува на ниво на училиште, но може да се разликува од едно до друго училиште. За наставниците да бидат исто ангажирани во онлајн-наставата и за да нема оправдувања дека немале опрема или интернет-пристап, се предлага наставата од далечина да ја реализираат од училиштето.
Откако ќе бидат донесени протоколите, директорите на училиштата ќе имаат една недела да направат план за своето училиште според насоките од МОН затоа што, рече Наумовска, тие најдобро ја знаат состојбата на свој терен и како најдобро да ја изменаџираат состојбата.
„Најважно е што за секој модел на настава учениците ќе бидат безбедни доколку се следат насоките и бидат почитувани протоколите за заштита“,
вели Наумовска.