Опозиционерите оценија дека за разлика од соседните земји како Албанија и Косово, кои имаат напредок од неколку места на листата, земјава се уназадува според индексот на перцепција на корупција, а одговорноста за овој неуспех го лоцираа кај Владата
Владата ветуваше беспоштедна борба против корупцијата, но за само осум месеци успеа да ја доведе Македонија до најслабата позиција на скалата во последните пет години, реагираат од опозицискиот СДСМ за рангирањето на земјава на 88. место според Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година на „Транспаренси интернешнл“.

„Со падот на два поени и рангирањето на 88. место, граѓаните јасно покажуваат дека немаат доверба во нивните политики и дека корупцијата е полоша од кога било. Резултатите од извештајот на ‘Транспаренси интернешнл’ се уште еден доказ за неспособноста и неуспехот на Владата предводена од ДПМНЕ. Македонија бележи катастрофален пад од 12 места во Индексот за корупцијата за 2024 година, што e прво назадување од 2019 г.“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите оценија дека за разлика од соседните земји како Албанија и Косово, кои имаат напредок од неколку места на листата, земјава се уназадува, а одговорноста за овој неуспех го лоцираа кај Владата.
„Наместо да ја лаже јавноста со празни ветувања и пропаганда, Владата треба да покаже системски мерки и реформи за борба со корупцијата. СДСМ за време на своето владеење ја зацврсти позицијата на Македонија во борбата против корупцијата, овозможувајќи континуирано напредување на индексот од 2019 до 2023 година. За разлика од тоа, Владата на ДПМНЕ го врати нашиот рејтинг наназад, а земјата ја ставија во групата на најкорумпирани држави во Европа“,
додаваат од партијата.
