Според Пандовски, овие негативни резултати се последица на големиот број скандали штосе случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители

Северна Македонија го дели 88. место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година на „Транспаренси интернешнл“ заедно со Казахстан, Суринам и Виетнам.
Земјава е рангирана на 88. место со 40 индексни поени, што е за три под просекот (43 од можни 100). Во однос на 2023 година земјава бележи пад од два индексни поени кога била рангирана на 76. позиција.
Во регионални рамки, најдобро рангирана е Словенија, која е на 36. позиција со 60 индексни поени и има напредок од 4 поени во однос на 2023 година. Од другите земји од регионот Хрватска е на 63. место пред Црна Гора која е две места подолу на табелата. Во рангот од 70. до 80. место се Косово, Бугарија и Албанија, а за Северна Македонија се Србија на 105. место и Босна и Херцеговина на 114-та позиција со 33 индексни поени.

Македонија е далеку под минимумот од 50 поени
„И оваа година Индексот на перцепција на корупцијата кој го објавува ’Транспаренси интернешнл’, покажува дека Македонија е далеку под минимумот од 50 поени кои се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата. Во новиот извештај за индексот на перцепцијата на корупцијата имаме 40 поени што е за два поена помалку од минатата година и бележиме пад од дури 12 позиции на табелата заземајќи ја 88 позиција“,
вели Благоја Пандовски, претседател на „Транспаренси интернешнл-Македонија“.
Според Пандовски, овие негативни резултати се последица на големиот број на скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.
„Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и 40-те препораки на Оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори се само дел од скандалите кои го тресеа судството“,
додава тој.
Тој додава дека е слична состојбата и во Обвинителството за кое вели дека не е ажурно во гонењето на високата корупција, и не ги процесира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Првиот чекор од долгиот пат во борбата против корупцијата Пандовски вели дека е нејзината казнивост и генералната превенција која казнивоста ја има во општеството.
„Се додека ова не се постигне не можеме да очекуваме позитивни резултати на индексот на перцепција на корупцијата“,
вели тој.
Најдобро рангирани Данска и Финска
Најдобро рангирана на Индексот за перцепција на корупцијата е Данска со 90 индексни поени по што следуваат Финска со 88 поени, Сингапур со 84, Нов Зеланд има 83 поени, а Луксембург, Норвешка и Швајцарија ја делат петтата позиција со 81 поен.

Јужен Судан се наоѓа на дното на индексот со 8 поени. Потоа следуваат Сомалија, Венецуела, Сирија, Јемен, Либија, Еритреја и Екваторијална Гвинеја.
Според Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2024 година, глобалното ниво на корупција останува алармантно високо, а напорите за негово намалување се забавени.
ИПК 2024 покажува дека повеќето земји имаат минимален или немаат никаков напредок во спречувањето на корупцијата во јавниот сектор во изминатите години.
„Дури две третини од земјите имаат освоено помалку од 50 поени (од вкупно 100) што укажува на сериозни корупциски проблеми. Глобалниот просечен резултат е 43 и повеќе од половина од земјите (56%) имаат резултат понизок од овој. Меѓународната заедница и земјите во светот треба да ја имаат борбата против корупцијата во центарот на дебатите доколку сакаат да имаат напредок за други клучни проблеми, вклучувајќи ја и климатската криза“,
се вели во извештајот.
Истражувањето исто така открива дека корупцијата е главна закана за климатските активности. Тоа го попречува напредокот во намалувањето на емисиите и приспособувањето на неизбежните ефекти од глобалното затоплување.
ИПК рангира 180 земји и територии ширум светот според нивното воочено ниво на корупција во јавниот сектор. Резултатите се дадени на скала од 0 (многу корумпирани) до 100 (најмалку корумпирани).