Од партијата сметаат дека со Мицкоски Македонија станала заложник на туѓи интереси на Балканот, оценувајќи дека политиките на Владата ја оддалечуваат земјата од Европската Унија
Според СДСМ, Вучиќ воведува електронско гласање, доделува пасоши и пријавува граѓани од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија во Србија, со цел да се подготви за изборна кражба
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија оти премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ се извршители на хибридното дејствување на српскиот претседател Александар Вучиќ на Балканот.
Оваа реакција следи откако вчера на социјалните мрежи се појавија неколку објави во кои се величеа ликот на поранешниот командант на војската на Република Српска и осуден воен злосторник, Ратко Младиќ, кој завчера почина во Хаг.

Оттаму сметаат дека со Мицкоски Македонија станала заложник на туѓи интереси на Балканот, оценувајќи дека политиките на Владата ја оддалечуваат земјата од Европската Унија.
Партијата се повикува и на изјави од Црна Гора и ЕУ за наводни хибридни закани.
„ЕУ брза Црна Гора што поскоро да стане членка поради хибридното дејствување на Александар Вучиќ. Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ објави безбедносни информации оти затворањето на преговарачките поглавја на Црна Гора со ЕУ ќе биде следено од координирани хибридни напади. Комесарката Марта Кос изјави дека Европската Унија мора да има гаранции дека идните членки нема да се претворат во внатрешни ‘тројански коњи‘“,
се вели во партиското соопштение.
СДСМ наведува и дека американски конгресмени бараат воведување санкции за Вучиќ поради, како што оценуваат, нарушување на демократијата во Србија.
Партијата го посочува и конгресменот Џо Вилсон, кој на платформата Икс напишал дека под претседателството на Вучиќ Србија намерно се оддалечува од владеењето на правото и се приближува кон, како што ги нарекува, непријателите на слободата, меѓу кои ги споменува рускиот претседател Владимир Путин и Кина.
Според СДСМ, Вучиќ воведува електронско гласање, доделува пасоши и пријавува граѓани од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија во Србија, со цел да се подготви за, како што тврди партијата, изборна кражба.
„Како што зборуваме веќе со месеци, Мицкоски прави ‘копи-пејст‘ на сè што Вучиќ и сестринската партија СНС го прават во Србија. Медиумите се подготвени. Латас, човек на српските служби, води кампањи по методот на Гебелс, навреди, поделби, постојано повторување на ист навредлив термин за да се дехуманизира политичкиот противник. Стоилковиќ во Македонија отворено работи на кинеската и руската агенда. Навредува пратеници во Собранието, го велича Ратко Младиќ“,
велат од опозициската партија.
Според СДСМ, сето ова е дел од иста кампања.
„Ова е свесна политика на Мицкоски и неговата криминална група, да ја држат Македонија далеку од ЕУ, во изолација, а поблиску до авторитарни сили и источни влијанија“,
додаваат од партијата.
Опозициските СДСМ и ДУИ вчера упатија остри реакции откако на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, чиј претседател е актуелниот министер за локална самоуправа во Владата, Иван Стоилковиќ, беше објавен текст во кој се глорифицира ликот на осудениот воен злосторник, кој почина во Хаг.
