Веќе трета недела претседателот на собраниската комисија за финансирање и буџет Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ не закажува седница на која треба да се расправа за помош за ранливите категории граѓани, обвинуваат од владејачката партија
ВМРО-ДПМНЕ ги кочи законските решенија кои обезбедуваат мерки за финансиска помош на ранливите категории како пензионери со ниски примања, приматели на минимална помош и самохрани родители, обвинува владејачкиот СДСМ.
Социјалдемократите обвинуваат дека законите се закочени во собраниска комисија со која раководи опозицијата.
„Веќе трета недела претседателот на собраниската комисија за финансирање и буџет Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ не закажува седница на која треба да се расправа за помош за ранливите категории граѓани. Оваа помош е дел од последниот пакет мерки, изготвен од Владата предводена од СДСМ вреден над 360 милиони евра за поддршка на граѓаните и компаниите за справување со последиците од кризата. ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно опструира законски решенија додека граѓаните чекаат помош од државата“,
обвинува СДСМ нарекувајќи го овој потег на опозицијата срамен и низок.
Оваа помош, велат од СДСМ, ја очекуваат околу 200 000 граѓани и порачуваат дека во време на криза се потребни брзи и ефикасни решенија.
„Крајно време е ВМРО-ДПМНЕ да покаже конструктивност и одговорност пред граѓаните“,
велат од СДСМ.
Мерките за кои од владејачката партија обвинуваат дека се кочат од опозицијата, премиерот Димитар Ковачевски ги најави на прес-конференција на 9 октомври. Тие предвидуваат социјално ранливите категории граѓани да добиваат по околу три илјади денари во период од четири месеци, како и помош за пензионерите со ниски примања од вкупно 6 000 односно 3 000 денари во зависност од висината на пензијата.