Откако САД започнаа нов бран напади врз воени цели, Иран се закани дека ќе блокира трговски рути во регионот
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека идната недела ќе ги нападне мостовите и електраните на Иран, доколку земјата не се врати на преговорите
Иран нема планови за нови преговори и останува фокусиран на одбраната на земјата, изјави денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, пренесува Си-ен-ен.

„Моментално немаме планови за преговори и остануваме фокусирани на одбраната на земјата“,
изјави Багаеи пред новинарите во Техеран, на комеморација за зетот на покојниот ајатолах Али Хамнеи.
Според него, Иран ќе продолжи цврсто да реагира на американските напади и нема да се придржува до никаков договор доколку САД ги прекршат своите обврски.
„Ова е принцип и ние ќе продолжиме да го почитуваме“,
кажа тој, додавајќи дека Техеран смета оти Вашингтон го игнорира прекинот на огнот уште од неговото воспоставување.
Во меѓувреме, полуофицијалната иранска новинска агенција објави дека САД го нападнале иранскиот остров Хенгам, во близина на Ормускиот Теснец.
Заменик-министерот за надворешни работи Казем Гарибабади порача дека Иран решително ќе одговори на секој чин на агресија.
„Нема да оставиме ниту еден акт на агресија или каква било акција против иранската нација без одговор“,
вели тој.
Инаку, САД и Иран продолжија со меѓусебни напади и го прогласија за неважечки меморандумот склучен во јуни, кој требаше да биде основа за постигнување конечен мировен договор.
Откако САД започнаа нов бран напади врз воени цели, Иран се закани дека ќе блокира трговски рути во регионот.
Револуционерната гарда на Иран соопшти дека Ормускиот Теснец ќе остане затворен сè додека САД не ги прекинат своите акти на агресија, додавајќи дека и другите регионални канали за извоз на нафта и гас би можеле да бидат затворени.
Предупредувањето доаѓа откако утринава Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопшти дека извршила напади врз Иран во рамки на седумчасовната операција во текот на ноќта.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, пак, изјави дека идната недела ќе ги нападне мостовите и електраните на Иран, доколку земјата не се врати на преговорите.
