Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека идната недела ќе ги нападне мостовите и електраните на Иран, доколку земјата не се врати на преговорите
Иран се заканува дека ќе блокира трговски рути во регионот, откако САД започнаа нов бран напади врз воени цели.
Револуционерната гарда на Иран соопшти дека Ормускиот Теснец ќе остане затворен сè додека САД не ги прекинат своите „акти на агресија“ и додаваат дека и другите регионални канали за извоз на нафта и гас би можеле да бидат затворени.
Предупредувањето дојде откако утринава Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопшти дека извршила напади врз Иран, покрај седумчасовната операција во текот на ноќта. Оттаму кажаа и дека погодиле „десетици“ ирански воени цели во близина на Ормускиот Теснец, со цел „понатамошно деградирање на способноста на Иран да ги загрози комерцијалните бродови и цивилните екипажи“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека идната недела ќе ги нападне мостовите и електраните на Иран, доколку земјата не се врати на преговорите.
Ескалацијата на реториката доаѓа откако Трамп рече дека данокот од 20% што се закани дека ќе го наметне во Ормускиот Теснец ќе биде заменет со „масивни“ трговски и инвестициски договори со земјите од Заливот.
Вчера САД воведоа поморска блокада, што ги спречува бродовите да транзитираат до и од иранските пристаништа и крајбрежните области.
Како одговор, Иранската револуционерна гарда (ИРГК) ги предупреди САД дека треба „да очекува затворање на други извозни правци за нафта и гас што им служат на интересите на САД и нивните сојузници“. Не прецизираа кои правци би можеле да бидат засегнати.
Во меѓувреме, иранската државна телевизија објави дека армијата извршила одделни напади врз американски цели во Јордан, Кувајт и Бахреин.
Сојузниците на САД, исто така, соопштија дека пресретнале беспилотни летала и ракети лансирани од Иран.
