Трамп најави дека во следните два дена ќе следуваат нови американски удари врз Иран, предупредувајќи дека доколку не се обноват преговорите, до следната недела како цели би можеле да се најдат и мостови и електроцентрали
Рано утринава, американските вооружени сили повторно воведоа блокада на иранските пристаништа како директен одговор на неодамнешните напади на Техеран врз трговски бродови кои се обидуваат да минат низ Ормуската Теснина. Иран веднаш изврши нови воени удари врз земјите во регионот каде што се стационирани американски трупи, Бахреин и Кувајт. Обидите на двете страни да воспостават воена контрола врз овој клучен поморски премин, низ кој во мирнодопски услови транзитира околу една петтина од светскиот извоз на нафта и природен гас носат сериозна закана за вовлекување на целиот регион во воен конфликт со пошироки размери.

САД првично воведоа ваква блокада во средината на април, но истата беше привремено укината во јуни по потпишувањето на договорот за 60-дневен рок за преговори околу иранската нуклеарна програма. Меѓутоа, по целосниот застој во разговорите, тензиите во Персискиот Залив повторно ескалираа.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена најави обновување на блокадата и воведување такса од 20 проценти за бродовите кои минуваат низ теснината, но само неколку часа пред нејзиното стапување на сила се откажа од мерката, попуштајќи пред барањата на американските сојузници во Заливот. Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп најави дека во следните два дена ќе следуваат нови американски удари врз Иран, предупредувајќи дека доколку не се обноват преговорите, до следната недела како цели би можеле да се најдат и мостови и електроцентрали.
Пред официјалното обновување на поморската блокада, Централната команда на американската војска (CENTCOM) соопшти дека нивните сили веќе извршиле нов бран напади. Како резултат на тоа, рано изутринава во Бахреин и Кувајт беа активирани сирените за ракетна опасност поради новите ирански одмазднички акции.
Исламската револуционерна гарда потврди дека успешно погодила командни, логистички и воени објекти на американската Петта флота стационирана во Бахреин, нагласувајќи дека тоа е директен одговор на американските активности во Индискиот Океан, притоа исрапаќајки сериозно предупредување дека доколку САД се обидат целосно да го блокираат нивниот извоз на енергенси, тие се подготвени да затворат и други поморски рути кои ги користат САД и нивните сојузници.
Командантот на CENTCOM, адмирал Бред Купер, изјави дека Иран лансирал десетици ракети и беспилотни летала кон соседните арапски држави, порачувајќи дека САД ќе го сметаат Техеран за директно одговорен за оваа неиспровоцирана агресија. Во моментов, во Арапското Море се распоредени најмалку 19 американски воени бродови, вклучувајќи два носачи на авиони и десантен брод со над илјада маринци, како и стотици воени авиони во базите низ Блискиот Исток.
