Во декларацијата Русија се обвинува за незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресија врз Украина и се повикува веднаш да ја прекине војната, како и целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили и воена опрема од целата украинска територија
Србија не ја потпиша заедничката декларација во Киев на Самитот Украина-Југоисточна Европа, пренесуваат српските медиуми повикувајќи се на изјава на претседателот Александар Вучиќ. Заедничката декларација за продолжување на политичката, воената, финансиската и безбедносната поддршка за Украина и за засилување на притисокот врз Русија, како што објави РТС, ја потпишаа украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставници на Албанија, Грција, Молдавија, Романија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија и Северна Македонија.
Во изјавата по самитот, Вучиќ не прецизира зошто тој не се потпишал на декларацијата, но потврди дека бил единствениот меѓу присутните претставници.
„Јас сум единствениот што не стави потпис на таа декларација. Погледнете го текстот или можеби допрва ќе ви биде доставен. Веројатно ќе ви го проследат, па сè ќе ви биде појасно. Нема потреба повеќе ништо да објаснувам“,
вели Вучиќ.

Во декларацијата Русија се обвинува за незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресија врз Украина и се повикува веднаш да ја прекине војната, како и целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили и воена опрема од целата украинска територија.
Во документот се бара дополнително заострување на санкциите против Русија, спречување на дејствувањето на руската „флота во сенка“ и зајакнување на борбата против руското заобиколување на санкциите. Руските напади врз цивили и критична инфраструктура се оценуваат како воени злосторства, а се осудува и секоја политичка, воена, финансиска и техничка поддршка што Москва ја добива од трети држави.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали денеска учествуваше на пленарната сесија на Самитот Украина – Југоисточна Европа, организиран по повод Денот на државноста на Украина. Тој порача дека Македонија останува цврсто посветена на поддршката на Украина за нејзиниот суверенитет, независност и територијален интегритет во согласност со меѓународното право.
Од Министерството за европски прашања посочија оти Сали нагласил дека нашата држава од самиот почеток на руската агресија обезбедува политичка, хуманитарна, воена и техничка поддршка за Украина и ќе продолжи да го прави тоа во тесна координација со Европската Унија и евроатлантските партнери.
