СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека шири лажни вести и ѝ порачува дека поради тоа ќе биде казнета од граѓаните на избори.
„ВМРО-ДПМНЕ на секој начин очајно се обидува сопствената неодговорност да ја маскира со лажни вести, со пласирање лажни информации и поделба на народот, додека Христијан Мицкоски бесрамно ги крши протоколите и мерките. Последен пример дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот извор на лажни вести е Игор Јанушев и неговите лаги“,
реагираат од СДСМ откако вчера Јанушев рече дека бројките за коронавирусот се катастрофални, а состојбата алармантна.
Го обвинуваат и потпретседателот Александар Николоски дека лажел оти 200 вработените во УЈП се во изолација, нешто што го демантирала и УЈП со податок дека бројот на вработени во изолација не надминува 40.
Во време кога сите се бореа со првите закани од коронавирусот, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски лажеа дека имало уште само 100 теста. Оттогаш досега направени се десетици илјади тестови. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ лажеа дека 140 000 луѓе останале без работа поради коронавирусот. Институциите излегоа со податоци дека во посочениот термин 8 100 лица останале без работен ангажман. Мицкоски и Наќе Чулев лажеа за случајот со теретаната. Чулев велеше не биле ракавици туку ’отсјај од светлината‘, а Мицкоски пак дека имало некакви ’боени ракавици‘“,
велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, утрово ја обвини власта за неспособност во справување со пандемијата, што, според нив, се докажува и од листата на „Форбс“, каде што земјава не е во првите сто најбезбедни држави.