Вчера, ДПМНЕ и Левица покажаа дека немаат никакви аргументи, дека не знаат да дискутираат, дека не знаат како се води дебата. Со огромна леснотија тие покажуваат дека се подготвени да ја блокираат европската иднина на граѓаните, единствено за лични цели, велат од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно е против ЕУ, а Христијан Мицкоски е ист како неговиот ментор Никола Груевски, реагираат денеска од владејачката СДСМ по вчерашната собраниска седница на која на дневен ред имаше една точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот, а кој дневен ред 70 пратеници гласаа „за“, 47 беа „против“, а „воздржани“ немаше.
„Вчера, ДПМНЕ и Левица покажаа дека немаат никакви аргументи, дека не знаат да дискутираат, дека не знаат како се води дебата. Со огромна леснотија тие покажуваат дека се подготвени да ја блокираат европската иднина на граѓаните, единствено за лични цели, а против подобар живот за граѓаните и остварување на стратешката цел, полноправно членство во ЕУ“,
се вели со соопштението од СДСМ.
Кристално јасно е, додаваат оттаму, дека нивната цел не е да испреговараат нов договор, туку нивната цел е да блокираат и да си ги спасат сопствените политички кариери.
Мицкоски, се вели во соопштението, сака да ја влече државата назад, само заради неговата фотелја во Белиот дворец, исто како што тоа 11 години го правеше Груевски.
„Но, проевропската коалиција ќе направи сѐ да ја разбие таа блокада и ќе продолжи и понатаму да работи во интерес на врвните национални и државни интереси, преку обезбедување соодветно мнозинство со кое ќе се продолжи европскиот пат на државата. СДСМ е за интеграција, ќе работиме да се тргне блокадата на европскиот пат“,
се додава во соопштението.
Оттаму велат дека преговорите со ЕУ се водат со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет и сега е потребен уште еден исчекор за забрзување на евроинтегративниот процес, а тоа е носењето на уставните измени кои се јавно објавени и против кои никој, вклучително и ДПМНЕ, нема против, додаваат од СДСМ.