Случајот е откриен преку мобилни телефони одземени во друга голема истрага за нелегален увоз на лекови, при што осомничената платила за незаконски да го помине тестирањето, велат од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против две лица поради местење стручен испит по стоматологија во случај што бил откриен случајно преку анализа на податоци од мобилни телефони кои биле одземени во рамки на сосема друга обемна истрага, поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на лекови и медицински помагала.

Првоосомничениот се товари за примање награда за противзаконито влијание, додека вториот е осомничен за примање поткуп.
„Според досега прибраните докази, во декември 2025 година осомничена опфатена во истражната постапка поврзана со нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, му дала парична награда на првоосомничениот – доктор по стоматологија и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, за тој, користејќи го своето реално и претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, да интервенира со цел за да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши“,
се вели во соопштението.
Оттаму велат дека осомничената побарала од претседателот на Стоматолошкото друштво на Албанците да ја злоупотреби службената положба и да ѝ овозможи на кандидатката да го помине тестирањето. Откако го реализирале планот, а испитот бил оценет како положен, првоосомничениот ѝ ги испратил податоците од својата трансакциска сметка на осомничената, по што таа ги уплатила договорените пари како награда за посредувањето.
„Согласно досега обезбедените докази, првоосомничениот дел од ветената награда му ја предал на второосомничениот“,
наведуваат оттаму.
