Според владејачката партија, полицијата не реагирала соодветно на прекршувањата на полицискиот час во општините кои беа во карантин во текот на целиот продолжен викенд
СДСМ вечерва повторно побара оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, овој пат поради непостапување на полицијата во однос на прекршувањата на полицискиот час во општини во кои беше прогласен 80-часовен карантин за време на продолжениот викенд.
„Неспособноста и неодговорноста на Чулев и на неговите кадри е очигледна и штетна за јавното здравје. Сарај, Аеродром, Чаир, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Тетово се само дел од општините каде што и каде во текот на викендот масовно се прекршуваше полицискиот час додека полицијата на Чулев не презеде ништо. Наместо да спречува, полицијата на Чулев со своето неделување поттикнуваше и охрабруваше прекршување на забраните за движење и групирање“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Според владејачката партија, Мицкоски, Чулев и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ свесно го рушат системот за заштита од коронавирусот и предизвикуваат негово натамошно ширење.
„За Чулев е најважно да ги брани прекршоците на неговиот шеф Мицкоски наместо да воспостави ред во почитувањето на мерките и задолженијата. Таквиот несериозен и незрел однос е закана по здравјето и сигурноста и најмалку што може тој да стори е веднаш да поднесе оставка“,
велат од СДСМ.