Според владејачката партија, избори час поскоро на 5 јули се решение за, како што се наведува, незрелото и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и Наќе Чулев и сите кадри на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада
Новиот број заразени со коронавирусот е последица на саботажите и крајно неодговорното однесување на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој се води само од интересите на својот шеф Христијан Мицкоски, обвинија денеска од СДСМ во соопштение до медиумите.
Според социјалдемократите, нoвозаразените дошле во допир со коронавирусот во време кога не беа олабавени мерките, а кога, како што се наведува, полицијата по налог на министерот Чулев не ги казнувала несовесните граѓани, кои го загрозуваат јавното здравје.
„Полицијата предводена од Чулев не ги казнува лицата кои не почитуваат самоизолација, не ги казни оние од литијата во Струга, навивачите пред црквата „Свети Спас“, учесниците во орото во Чаир, граѓаните кои не носат маски и не почитуваат дистанца.. Ништо не може да го заштити здравјето на граѓаните повеќе од целосно функционални институции со полн легитимитет од граѓаните, ослободени од политички кочници и калкулации на ВМРО-ДПМНЕ, која се однесува крајно деструктивно во текот на целата пандемија. Избори час поскоро, во законскиот рок на 5 јули, се решение за незрелото и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и Наќе Чулев и сите кадри на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада“,
се наведува во соопштението на СДСМ.