Во рамки на главниот град, коалицијата „Можеме“ оствари најубедлива предност во Центар (ИЕ 1), а најголем пораз од „Обнова“ во Гази Баба (ИЕ 2)
Во втората ИЕ, со центар во Куманово, ВМРО-ДПМНЕ освои само 28 гласа повеќе од СДСМ
Тесната разлика во гласови меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се преслика и во двете изборни единици (првата и втората) во чиј состав се општините во главниот град.
Во првата ИЕ, во која, со исклучок на Македонски Брод, сите општини се во административните рамки на Скопје или во околината на градот, СДСМ оствари предност од нешто повеќе од 4 илјади гласови и со еден пратенички мандат повеќе (8:7). Во оваа ИЕ носители на листите на двете најголеми партии беа Никола Димитров/Мила Царовска (СДСМ) и Гордана Силјаноска-Давкова (ВМРО-ДПМНЕ).
Според податоците што ги објави ДИК, откако доцна вечерва профункционира апликацијата за презентација на изборните резултати, во првата ИЕ СДСМ освои најубедлива предност во општина Центар, каде што оваа партија е „традиционално“ победник на изборите.
Водство пред ВМРО-ДПМНЕ од неколку илјади гласови СДСМ и на овие избори оствари и во општина Карпош.
Од друга страна, социјалдемократите изгубија значителен број гласови во Кисела Вода, каде што премиерно, по многу години, имаа победа на последните локални избори.
И општина Аеродром се покажа како една од „слабите алки“ за социјалдемократите на овие избори, по победата на локалните избори пред три години.
Во границите на првата ИЕ се и општините Чаир, Сарај, Студеничани…, каде што најдобро рангирана, главно, е ДУИ, па Алијансата на Албанците, додека СДСМ е на трето место. Таа предност на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ најверојатно придонела за разликата од неколку илјади гласови која ѝ донесе и мандат плус на коалицијата „Можеме“ во однос на „Обнова“.
Во втората ИЕ, со центар во Куманово, предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ е само 28 гласа. Всушност, СДСМ во Куманово има остварено водство со околу 3,5 илјади, ама значителната предност на ВМРО-ДПМНЕ во другите (скопски) општини во втората ИЕ, веројатно, придонела за нерешениот исход. Во овој изборен регион, носители на листите на двете најголеми партии се Оливер Спасовски/Сања Лукаревска (СДСМ) и Владо Мисајловски (ВМРО-ДПМНЕ).
Најголем изборен пораз во рамки на втората ИЕ „Можеме“ забележа во скопска Гази Баба – општина каде што СДСМ првпат оствари победа на локално ниво во 2017 година, освојувајќи градоначалничко место.
Слична е ситуацијата и во Бутел, иако тука предноста што ја поврати ВМРО-ДПМНЕ е значително помала во споредба со Гази Баба.
ВМРО-ДПМНЕ оствари предност пред СДСМ и во општина Ѓорче Петров, каде што, во последните три години, локалната власт е кај социјалдемократите.
Интересна е ситуацијата во скопско Арачиново, каде што СДСМ е треторангирана партија според бројот на гласови, а прва е Алијансата на Албанците. Второто место е за ДУИ, која, пак, има само пет гласа повеќе од колаицијата „Можеме“.
Во втората ИЕ, коалицијата „Можеме“ оствари предност и во општина Шуто Оризари.