„Наместо реконструкција која ќе значи промена, добиваме театарска претстава во која Мицкоски и неговите сателити се обидуваат да ја продолжат истата политика на долгови, сиромаштија и изолација“, велат од партијата

Најавената средба меѓу коалициските партнери за реконструкција на Владата е само козметичка операција со која се мачкаат очите на јавноста, обвинуваат од опозициската СДСМ.
Според нив, најавените владини измени не носат вистински реформи, туку претставуваат обид да се сокрие двегодишниот економски и политички колапс на земјата.
„Наместо вистински реформи и одговорност, добиваме само шминка на Владата и мачкање очи на народот. Наместо реконструкција која ќе значи промена, добиваме театарска претстава во која Мицкоски и неговите сателити се обидуваат да ја продолжат истата политика на долгови, сиромаштија и изолација“,
се вели во соопштението.
Опозицијата го критикува и движењето ЗНАМ за кое велат дека се распаѓа.
Од СДСМ велат дека ЗНАМ веќе изгубиле пратеник и советници поради што партијата практично престана да постои.
Се покренува прашањето како раководството на ЗНАМ изразува задоволство од своите функционери кога, според нив, „таму повеќе нема никого“.
„Единственото нешто што ЗНАМ и нивните кадри одлично го работат во изминативе две години се тендерите и парцелите. Тендери за свои блиски, тендери за советници, парцели со земјиште, тендери без контрола и без одговорност“,
велат од СДСМ.
Од опозицијата додаваат дека се останато – од економија, па сè до евроинтеграцискиот пат на државата претставува целосен неуспех. Порачуваат дека на граѓаните не им се потребни нови кадровски шминки, туку вистинска одговорност и резултати.
