Владејачкиот СДСМ најавува четврт пакет на економски мерки за помош во коронакризата, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа ќе биде „параван за крадење“.
За претходните три пакети, велат социјалдемократите, биле издвоени околу 550 милиони евра или 5,5% од БДП.
„Владата се водеше по начелото на социјална правда и солидарност, а така ќе продолжи и четвртиот сет на мерки за уште поголема поддршка на граѓаните и компаниите“,
велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека владата не ги исполнила ниту ветувањата од претходниот пакет, како што е викенд без ДДВ, 150 милиони евра поддршка за мали и средни претпријатија и бескаматни кредити со 30 проценти грант.
„Ковид кризата им служи за параван за да продолжи Заев и мафијата да крадат. Новите мерки кои ги најавува Заев откако не ги реализираше ниту претходните се ништо друго освен параван за крадење додека јавноста ќе ја лажат дека помагаат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Четвртиот пакет на антикризни мерки се очекува да биде објавен следната недела.
Заев претходно најави дека во него ќе има картички и ваучери за социјално погодените граѓани: пасивните баратели на работа, пензионерите со пензии под 15 илјади денари, самохраните родители, стечајните работници кои земаат надомест, како и ранливите категории сиромашни граѓани преку центрите за социјални работи.
За компаниите, пак, се очекува да продолжи мерката за субвенционирање за исплата на минималната плата од 14 500 денари, како и нова мерка која ќе се однесува на враќање на отпуштените работници.