Предизборната коалиција меѓу СДСМ и БЕСА ќе донесе политики за подобар живот на граѓаните, велат од СДСМ, откако утрово портпаролот на ДУИ, Бујар Османи уште еднаш оцени дека станува збор за непринципиелна коалиција заради опстанок на политичката сцена.
„Сосема е легитимно ДУИ тука да има политички став околу коалицијата меѓу СДСМ и БЕСА, но ве убедувам дека таа не е на непренципиелна основа, туку дека ќе биде изградена на политики кои ќе донесат подобар живот за граѓаните и подобри услови за работење и бизнис во оваа држава“,
рече на денешната прес-конференција Кирил Колемишевски, заменик-министер за економија од СДСМ.
Сепак, ниту СДСМ не ја исклучува можноста за постизборна коалиција со ДУИ.
„Тоа по изброите ќе го одговориме“,
вели Колемишевски.
Османи рече дека ДУИ сега е фокусирана на кампањата и дека политички калкулации ќе се прават по објавување на резултатите. За тезите дека ДУИ како коалиционен партнер во владите ги уценува политичките партии, Османи рече дека тие уценувале, но не за себе, туку за интересот на граѓаните, за да се задржи евроатлантскиот пат на земјава.
„ДУИ беше кормиларот и тогаш кога имаше дилеми ДУИ го држеше кормилото да се запази евроатланскиот курс. Во последно време се зборува за некакво уценување кое го прави ДУИ кон македонските политички партии, па дури сега и двете политички партии ги повикуваат граѓаните да освојат 61 пратеник за да не ги уценува ДУИ. Ако уценување е потребата од решавање на името и потребата од отворање на патот кон НАТО, ако уценување е потребата за потпишување на договор со Бугарија, ако уценување е поднесувањето на Законот за јазици за да се релаксираат меѓуетничките односи – да, ДУИ уценуваше, но никогаш за себе, никогаш за партијата, секогаш за интересите на граѓаните, секогаш за потребата државата да оди напред. Сме условувле формирање на влади со тие прашања, но денеска токму тие прашања не донесоа во НАТО“,
рече Османи.
*поврзана вест: Заев до ДУИ: Да не си го лажете паметот, коалицијата СДСМ-Беса ќе победи во шестката
*поврзана вест: СДСМ и Беса заеднички на изборите