Според партијата, овој момент е потврда дека членовите собрани околу демократската платформа всушност одработуваат за власта, во насока на ситнење и слабеење на опозицијата
Се заоструваат реториката и нападите на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) кон своите членови и поранешни високи партиски функционери кои незадоволни од актуелното раководство решија да се обединат во демократската платформа.

Во фокусот на обвинувањата од СДСМ е поранешниот генерален секретар на партијата, Никола Ќуркчиев, кој е дел од платформата, за кого актуелното раководство тврди дека добил тендер од државна фирма, вреден 1,6 милиони евра.
Според партијата, овој момент е потврда дека членовите собрани околу платформата всушност одработуваат за власта, во насока на ситнење и слабеење на опозицијата.
Во тој контекст, веќе извесно време од СДСМ платформата ја нарекуваат „ЗНАМ 2.0“, алузија на одвојувањето на дел од членството на партијата во политичкиот субјект што го формираше градоначалникот на Куманово и поранешниот член на СДСМ, Максим Димитриевски.
Од СДСМ денеска објавија видео кое, како што велат, покажува дека со лесно пребарување на интернет може да се дојде до документите кои сведочат дека ексгенералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз е поврзан со фирмата што го добила државниот тендер од 1,6 милиони евра.
„Нема бегање од вистината за платформата ЗНАМ 2.0. Никола Ќуркчиев вели дека документите коишто јавно ги објавивме се направени со вештачка интелигенција, а документите за тендерот од 1,6 милиони евра и неговата поврзаност со фирмата се јавно достапни и секој може да ги види“,
се вели во кусото соопштение од СДСМ.
Претставници на демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, меѓу другото, вчера оценија дека партијата станала заробена и дека и покрај разговорите со актуелното раководство, не успеале да се направат потребните промени во партијата.
Поранешните функционери на СДСМ – Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка и поранешна министерка Славјанка Петровска на брифинг со новинарите најавија план за окрупнување на опозицијата и враќање на довербата кај граѓаните разочарани по неуспехот на ветувањата дадени во 2016-2017 година. Рекоа дека нема да бидат нова политичка партија, ниту дека ќе прават независни листи за парламентарните избори, туку дека крајната цел на опозициското окрупнување е победа над актуелната власт, чиј висок рејтинг, како што оценија, не е резултат на нејзините досегашни постигнувања, туку на слабата опозиција.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој беше прозван како некомпетентен да ја води партијата, вчера изрази сомнеж дека демократската платформа има за цел да ја ослаби опозицијата, обвинувајќи дека дел од нејзините иницијатори се директно финансирани од владејачките структури. Во тој контекст Филипче го спомена поранешниот генсек на партијата, Ќуркчиев.
„Како може да се коментира поинаку освен дека се платени од власта, кога еден од тие луѓе – поранешниот генерален секретар на партијата, Никола Ќуркчиев – односно фирмата која тој ја претставува, добила тендер од 1,6 милиони евра од државна фирма? Во ова време кога сè е централизирано, се знае кој одлучува за државните тендери“,
изјави вчера Филипче.
