Ова е првпат во историјата на независна Македонија да има предизборна коалиција меѓу партии на Македонците и Албанците
СДСМ и движењето Беса го официјализираа предизборниот договор за заедничко учество на предвремените парламентарни избори, кои се закажани за 12 април.
Лидерите на СДСМ и на Беса, Зоран Заев и Билал Касами, ги усогласиле ставовите околу програмата и носителите на изборните листи. Тие денеска потпишаа декларација за заеднички настап на изборите на 12 април. Првпат во историјата на независна Македонија се постигна предизборна коалиција меѓу партии на Македонците и Албанците.
Во декларацијата за заеднички настап на СДСМ и на движењето Беса се потенцира дека таа се потпишува во духот на градење доверба и заедничка европска иднина и почитување на граѓанските вредности, идентични на европските вредности. СДСМ и Беса се залагаат за негување и почитување на правата на сите етничките заедници, развој, создавање подобри услови за сите граѓани за да ја градат својата иднина овде, за борба против корупцијата и праведно судство, а интеграцијата во ЕУ останува единствена опција.