Во писмената реакција од компанијата во врска со вчерашните тврдења на опозицискиот СДСМ велат дека ангажирањето меѓународни професионални компании за правни, комуникациски, стратегиски и други консултантски услуги е легитимна и вообичаена деловна практика за компании со меѓународни амбиции и присуство
„Нема да прифатиме законски и легитимни деловни активности на приватна компанија да се претставуваат како активности на Владата или како активности преземени во име на државата. ‘АТС груп’ самостојно ги носи своите деловни одлуки, самостојно ги финансира своите активности и самостојно одговара за своето работење“, велат од компанијата
Откако вчера се најде во фокусот на препукувањата меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, компанијата „АТС груп“ денеска се огласи со соопштение, во кое, како што се наведува, ги отфрла политичките конструкции и обвинувања во кои нивното име се користи како аргумент во меѓупартиски и дневнополитички пресметки.

За потсетување, вчера портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција обвини дека приватната фирма од Скопја ѝ плаќа високи суми на американската лобистичка компанија „Меркури паблик аферс“ (Mercury Public Affairs) за промовирање теми кои се претставуваат како стратегиски државни приоритети на Македонија во САД.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа со контраобвинувања, наведувајќи дека актуелната влада нема никаква врска со приватен договор склучен меѓу двете компании и дека поранешната власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз е таа која била поврзана со „АТС груп“ и со нејзиниот сопственик Шефшет Демировски.
Во врска со ваквите наводи, во писмената реакција од компанијата велат дека ангажирањето меѓународни професионални компании за правни, комуникациски, стратегиски и други консултантски услуги е легитимна и вообичаена деловна практика за компании со меѓународни амбиции и присуство.
Овие активности, додаваат од „АТС груп“, се реализираат согласно законите и правилата на државите во кои се спроведуваат и се дел од деловната стратегија на компанијата за развој и проширување на нејзиното меѓународно присуство, вклучително и во Соединетите Американски Држави (САД).
„За активностите за кои постои законска обврска за јавност и транспарентност, релевантните информации се достапни преку официјалните регистри и институционалните механизми во Соединетите Американски Држави. Немаме што да криеме. Но, исто така нема да прифатиме законски и легитимни деловни активности на приватна компанија да се претставуваат како активности на Владата или како активности преземени во име на државата. ‘АТС груп’ самостојно ги носи своите деловни одлуки, самостојно ги финансира своите активности и самостојно одговара за своето работење“,
велат од компанијата.
Оттаму наведуваат дека нема да дозволат „АТС груп“ да биде вовлекувана во расправи за тоа која политичка партија или која влада во минатото дали или не дала поддршка на нејзиното работење, посочувајќи дека како компанија соработувале и ќе продолжат да соработуваат со надлежните институции и со своите партнери во рамките на законските процедури и утврдените правила.

Од компанијата велат дека е факт оти различни државни функционери низ годините го препознавале значењето на инвестициите, производството и потенцијалот на македонската одбранбена индустрија, но тоа, како што посочуваат, не треба да биде политички аргумент ниту во корист ниту на штета на која било политичка партија.
„Од сите политички субјекти очекуваме институционален однос, почитување на фактите и одговорност при изнесувањето информации поврзани со компанијата. ‘АТС груп’ работи во стратегиски чувствителна индустрија. Затоа особено е важно јавната дебата да се темели на проверени факти, а не на политички конструкции и инсинуации. Доколку постојат прашања за постапувањето на државните институции, тие треба да бидат упатени до надлежните институции. Доколку постојат конкретни прашања за работењето на ‘АТС груп’, компанијата е подготвена транспарентно да одговори на секое конкретно и фактографски поставено прашање“,
се вели во соопштението од компанијата.
Од компанијата, на крајот од соопштението, уште еднаш потенцираат дека нема да дозволат нивното име да биде средство за политички пресметки и додаваат дека ќе продолжат со она што го прават со години.
„Да инвестираме, да произведуваме, да отвораме и обезбедуваме работни места, да градиме меѓународни партнерства и да придонесуваме за развојот на македонската одбранбена индустрија. Нашиот фокус останува на работата, резултатите и иднината“,
се вели во соопштението од „АТС груп“.
Инаку, претходно во соопштението од „АТС груп“ наведуваат дека се приватна компанија која работи во одбранбената индустрија, со јасно дефинирани деловни интереси, обврски и одговорности. За компанијата велат дека е значаен инвеститор во Македонија, со над 500 вработени и со континуирани вложувања во производствени капацитети, современа технологија, опрема и развој на македонската одбранбена индустрија.
Нивните партнери и клиенти, како што наведуваат, доаѓаат од Соединетите Американски Држави, Европската Унија и земјите од регионот, а сите активности на компанијата, велат, се спроведуваат согласно важечките закони и релевантните меѓународни правила.
Реакцијата на компанијата доаѓа по еден ден откако портпаролката на опозицискиот СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција обвини дека приватната фирма „АТС груп“ од Скопје, чија дејност е производство на муниција, шлемови и балистичка опрема, ѝ плаќа околу 130 000 долари месечно на американската лобистичка компанија „Меркури паблик аферс“ (Mercury Public Affairs) за промовирање на теми кои се претставуваат како стратегиски државни приоритети на Македонија во САД.
Тврдејќи дека станува збор за мегаскандал, од опозициската партија бараат истрага и јавно објавување на целата документација во врска со случајот.
Од владејачката партија, пак, обвинија дека поранешната власт предводена од СДСМ е таа која е поврзана со „АТС груп“ – фирма која, како што рекоа, е отворена од Зоран Заев, кој за нејзиното отворање велел дека е резултат на членството на НАТО. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека сопственикот на фирмата во времето на СДСМ добил дипломатски пасош како другар на Заев, а дополнително го отворија и прашањето за поддршката што тој ја добивал од функционери на поранешната власт.
