ДУИ не се плаши дека предизборната коалиција на СДСМ и БЕСА ќе го намали бројот на пратеници што тие ќе го освојат, бидејќи се убедени во апсолутна победа на изборите. Портпаролот на партијата, Бујар Османи, на денешната прес-конференција, уште еднаш оцени дека станува збор за непринципиелна коалиција заради опстанок на политичката сцена, но не ја исклучи можноста од постизборна соработка со овие две партии.
Османи рече дека ДУИ сега е фокусирана на кампањата и дека политички калкулации ќе се прават по објавување на резултатите.
Според него, ДУИ е заштитник на трите клучни договори – Рамковниот, Преспанскиот и договорот со Бугарија. За тезите дека ДУИ како коалиционен партнер во владите ги уценува политичките партии, Османи рече дека тие уценувале, но не за себе, туку за интересот на граѓаните, за да се задржи евроатлантскиот пат на земјава.
„ДУИ беше кормиларот и тогаш кога имаше дилеми ДУИ го држеше кормилото да се запази евроатланскиот курс. Во последно време се зборува за некакво уценување кое го прави ДУИ кон македонските политички партии, па дури сега и двете политички партии ги повикуваат граѓаните да освојат 61 пратеник за да не ги уценува ДУИ. Ако уценување е потребата од решавање на името и потребата од отворање на патот кон НАТО, ако уценување е потребата за потпишување на договор со Бугарија, ако уценување е поднесувањето на Законот за јазици за да се релаксираат меѓуетничките односи – да, ДУИ уценуваше, но никогаш за себе, никогаш за партијата, секогаш за интересите на граѓаните, секогаш за потребата државата да оди напред. Сме условувле формирање на влади со тие прашања, но денеска токму тие прашања не донесоа во НАТО“,
рече Османи.
Порача дека тие сега се насочени кон гласовите на граѓаните, а за коалиции ќе размислуваат по изборите.