Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, само во комисиите со кои претседава опозицијата се блокирани преку 40 закони
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека власта избегнува расправа за трагедијата во Тетово и затоа враќа теми како „недела неработен ден“
ВМРО-ДПМНЕ во Собранието кочи сѐ што е во интерес на граѓаните, на општините, на државата. Наместо да се посветат на интересите на граѓаните, на оние што ги избирале, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се посветени на блокади, деструкции за лични и партиски интереси, обвини денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.
Тој наброи дека:
- Во Комисијата за финансирање и буџет, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ упорно го кочат Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, кој е влезен во собраниска процедура од 1 октомври минатата година;
- Во истата комисија ВМРО-ДПМНЕ го блокира и Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на ковид-19. Закон е влезен во процедура, по скратена постапка, од 1 јули 2021 година;
- Закочен е заемот кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за дополнително финансирање на проектот за поврзување на локални патишта;
Во Комисијата за труд и социјална политика, ВМРО-ДПМНЕ ги кочи измените на Законот за работни односи, со кои недела станува неработен ден за 92 отсто од работниците. - Во Комисијата за образование и наука, ги кочат законските измени „кои треба да обезбедат трајно вработување на 4 700 наставници и стручни соработници во основните и средни училишта“;
- ВМРО-ДПМНЕ се противи и на измените на Законот за служба во Армијата, со кои војниците ќе имаат право на избор дали да продолжат во јавна служба или да добијат и 20 000 евра отпремнина по навршување на 45 години возраст
- Преку 40 закони се блокирани во комисиите чии претседатели се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, закони со кои се врши усогласување со Законот за прекршоци… Според Митревски, се ова е показател за деструктивно, лицемерно и неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Митревски, сѐ ова е показател за деструктивно, лицемерно и неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта, во изминатите неколку дена, прави сѐ за да не се расправа за модуларната болница во Тетово, каде што живот изгубија 14 лица. Според опозициската партија, враќање на теми како недела неработен ден е со цел „јавноста да не дознае дека СДСМ сакаше да го задуши секој еден глас за несреќата во Тетово“.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ достави барање за дополнување на дневен ред за расправа на Комисијата за труд и социјална работа со информација околу несреќата во Тетово. Иако претседателот на Комисијата го стави на дневен ред ова барање, СДСМ гласаше против, со што не прифати да се зборува за несреќата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, откако ги исцрпи сите претходни механизми, достави барање за формирање анкетна комисија за случајот во Тетово. Власта може да го одбие и ова барање, но со тоа само ќе потврди дека народот не им е на прво место, туку голиот популизам“,
реагираа претпладнево од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, спикерот Талат Џафери им го врати на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предлогот за формирање анкетна комисија, со образложение дека не е усогласен со Уставот, односно дека во документот го нема уставното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат рок од 15 дена да го усогласат својот предлог со Уставот.
Инаку, утре е последен работен ден за Собранието пред почетокот на кампањата за локалните избори, на 27 септември. Џафери најави дека во наредните 20 дена, до првиот изборен круг на 17 октомври, Собранието нема да заседава. Иако имаше најави дека е можно пратениците да го искористат утрешниот ден за пленарна седница, иако в петок вообичаено нема заседанија во парламентот, до овој момент не е закажана седница.