Според владејачката партија, сѐ уште не е утврдено кога е направена снимката од фитнес-центарот каде што бил лидерот на опозицијата
СДСМ го обвинува техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека се става над истрагата за да го заштити партискиот шеф – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од СДСМ велат дека сѐ уште не е утврден датумот кога е направена снимката од фитнес-центарот во кој бил Мицкоски, за разлика од Чулев, кој вчера објави на Фејсбук дека тоа се случило во октомври минатата година, а не за време на епидемијата со ковид-19.
„Уште незавршена, Чулев ја затвори истрагата за случајот и тоа го објави во јавноста, иако датумот кога е направена видеоснимката сѐ уште не е утврден. Тоа во случајов се наметнува како клучно за да се утврди дали Мицкоски, во придружба на командантот на единицата „Тигар“ и уште еден полициски работник, посетувал фитнес-сала во време кога во сила се забраните против коронавирусот. Овој факт е важен за јавноста да биде правилно и точно информирана за настанот“,
велат од СДСМ.
Од владејачката партија потсетуваат дека претходно, исто во период на забрана за работа на фитнес-ццентрите, се појави фотографија како Мицкоски со спортска торба излегува од фитнес-центар, по што тој, како што се посочува, призна дека бил во посета, но само да ја земе торбата која му останала таму.
„И овој случај е завршена приказна за Чулев, без да ја извести јавноста што навистина барал Мицкоски таму. Последниот случај со видеоснимката на Мицкоски и на командантот на ‘Тигрите’ е класичен пример како министерот пред време се става во заштита на Мицкоски. Ние нема да замижиме пред фактот дека истрагата за потенцијалното несовесно однесување на лица од ВМРО-ДПМНЕ во време на пандемија и натаму не е завршена, сѐ додека не се утврди вистината“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера бараа јавно извинување од СДСМ за обвинувањата кон Мицкоски изразувајќи и сомнеж дека некој го следи опозицискиот лидер.
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, од друга страна, исто така, реагираше дека не е утврден се уште датумот кога е направена снимката од Мицкоски во фитнес-центар.