Здружението на судии утре ќе поднесе тужба до Уставниот суд со која си ги бара назад скратените плати на своите членови со владината уредба, објави порталот „Сакам да кажам“.
Тужбата, според нив, се базира на прекршеното уставно начело за немешање на извршната власт во независната судска власт.
Претходно, пак, „Фокус“, објави писмо од судии до Здружението во кое се наведува дека тоа што Владата донесе уредба со која ги стави судиите на минимална плата за април и мај е спротивно на Законот за плати на судиите и на Уставот.
Во писмото се потенцира дека според споменатиот закон, платата не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган.
Од Уставот, пак, тие се повикуваат на членовите со кои се гарантира поделбата на власта на: законодавна, извршна и судска, и немашењето на извршната власт во судската.
Со уредбата, покрај судиите, опфатени се и обвинителите. Таа беше донесена на седница на Владата на 7 април, а објавена во „Службен весник“ на 9 април.
„360 степени“ во текот на денот неколку пати се обиде да стапи во контакт со Здружението на судии и со претседателот Џемаили Саити, телефонски и по електронска пошта, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.