Американското министерство за правда го објави обвинението со кое Раул Кастро се товари за убиство и за заговор за убивање американски граѓани. Обвинети се уште петмина вмешани во соборувањето на авионите и убиството на нивните пилоти. Случајот е изграден врз основа на претходна постапка отворена во 2003 година

САД покренаа обвинение против поранешниот претседател на Куба, 94-годишниот Раул Кастро, поради инцидент што се случил во 1996 година, кога кубанската авијација собори два мали американски цивилни авиони, управувани од организација на кубански емигранти. Дел од светските медиуми, како Си-ен-ен, го нарекоа обвинението нова ескалација што може да доведе до војна меѓу двете земји.
Настанот поради кој е обвинет Кастро се случил во февруари 1996 година, кога три мали цивилни авиони на организацијата „Браќа на спасувањето“, секој со екипаж од по двајца луѓе, полетале од аеродром во близина Мајами и го надлетувале морето меѓу САД и Куба барајќи бегалци што со чамци се обидуваат да стигнат од островот до американскиот брег. „Браќа на спасувањето“ е организација регистрирана во САД, составена од емигранти и дисиденти од комунистичката Куба, кои им помагале на жители од островот да избегаат од кубанскиот режим. Воени авиони на Куба ги пресретнале авионите и погодиле два од нив убивајќи четири лица.
Во тоа време претседател на Куба е Фидел Кастро, а неговиот брат Раул Кастро е министер за одбрана. Фидел Кастро тогаш ја презел одговорноста за соборувањето тврдејќи дека од авионите се фрлале летоци против кубанската власт.
Американското Министерство за правда го објави обвинението со кое Раул Кастро се товари за убиство и за заговор за убивање американски граѓани. Обвинети се уште петмина вмешани во соборувањето на авионите и убиството нивните пилоти. Случајот е изграден врз основа на претходна постапка отворена во 2003 година.
„Њујорк тајмс“ пишува дека обвинението било тајно обновено минатиот месец, а денеска јавно го објавил вршителот на должноста државен обвинител на САД, Тод Бланш, заедно со Џејсон Рединг Кињонес, американскиот обвинител за Јужниот округ на Флорида.
„Мојата порака денеска е јасна. Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп не ги забораваат и нема да ги заборават своите граѓани. Оние што убиваат Американци не можат едноставно да ја избегнат американската правда“,
рекол Бланш на прес-конференцијата.
Прашан дали обвинението е вовед во воена акција на САД врз Куба, Бланш рекол дека тоа е одлука што зависи од претседателот Доналд Трамп и од неговиот тим за надворешна политика.
Објавата на обвинението доаѓа во време кога тензиите меѓу САД и Куба се високи откако американските власт ја блокираа доставата на енергенси на островот, со закани за санкции кон сите што го снабдуваат со гориво. Кубанците се соочуваат со голем недостиг на електрична енергија и на нафта.
Кубанскиот амбасадор во Обединетите нации Ернесто Соберон Гузман, за „Њујорк тајмс“ изјавил дека обвинението против Раул Кастро е обид на администрацијата на Трамп да создаде изговор за воена акција против Куба. Тој додал дека „Браќата на спасувањето“ го нарушиле кубанскиот воздушен простор 25 пати пред авионите да бидат соборени, и дека во тоа време кубанската влада постојано ги молела американските власти да ги спречат летовите на организацијата над Куба, дури и Фидел Кастро му пратил писмо на тогашниот претседател Бил Клинтон за тоа.
