Покрај Русковска, искази во скопското обвинителство треба да дадат и нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, против кои исто така е поднесена кривична пријава од Муареми поради претресот што летово го извршија во УФП, што беше и причина за суспензија на Русковска
Јавната обвинителка Вилма Русковска, инаку времено суспендирана од позицијата шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, денеска напладне во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје треба да даде исказ во врска со кривичната пријава што против неа ја поднесе поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП), Арафат Муареми.
Покрај Русковска, искази во скопското обвинителство треба да дадат и нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, против кои исто така е поднесена кривична пријава од Муареми поради претресот што летово го извршија во УФП, што беше и причина за суспензија на Русковска.
Според информациите од скопското обвинителство, материјалите докази се прибрани, сослушан е Муареми како подносител на пријавата, а сега треба да се сослушаат и трите обвинителки како пријавени. Засега нема информации дали евентуално ќе се сослушуваат и други лица.
Дека Муареми ќе поднесе кривични пријави за злоупотреба на положбата беше најавено десетина дена по претресот што на 18 јули го изврши Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во УФП.
Официјално кривичната стигна до ОЈО Скопје на 8 август.
„Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје во која се опфатени сите обвинители за коишто сметаме дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја пресумцијата на невиност на пријавените, тоа е сè што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно Законот за кривична постапка“,
соопштија тогаш од УФП.
Претресот со кој ескалираше антагонизмот помеѓу Русковска и Муареми, како што тогаш наведоа од Обвинителството, беше во рамки на предмет оформен по пријава од граѓани.
Муареми, пак, тогаш реагираше дека од обвинителството во барањето за претрес до судот дале погрешни податоци дека има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот, според неговите тврдења, немало ништо туку само анонимна кривична пријава без докази.
„ОЈО ГОКК во барањето до судот навело дека сум сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание и дека располага со докази за основано сомнение дека сум го сторил тоа кривично дело. Што во превод значи дека ОЈО ГОКК кога го поднесувало барањето за претрес до судот, во тој момент располагало со информации и докази за тоа каква награда сум примил, од кого сум примил, за што, кога, над кого и над што сум направил незаконито влијание и слично, а притоа истото тоа обвинителство доаѓа и вади наредба за претрес во која вели ’предметите оформени по поднесени анонимни кривични пријави, поднесени од 2018 година до денот на претресот‘. Па кога сум го сторил кривичното дело за коешто ОЈО ГОКК ТВРДИ дека има основано сомнение дека сум го сторил? Во 2018, 2020, три дена пред претресот, на денот на претресот?“,
коментираше Муамери на брифинг со новинарите на почетокот на август.
Покрај кривичната пријава, од Управата додека со неа раководеше Муареми тогаш поднесоа и претставка за обвинителките, како за судијата на претходна постапка што позитивно одговорил на барањето за претрес.
Тогаш, беше извршен и надзор, по што од кабинетот на државниот обвинител Љубомир Јовески излегоа со соопштение дека констатирале пропусти во постапувањето при претресот, како и тоа што го коментираше Муареми, дека во барањето за претрес до судот е наведено дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.
„Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава. Исто така, укажано е дека од содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело примање награда за противзаконито влијание“,
забележаа од државното јавното обвинителство за постапувањето на тимот на Русковска.
Таа, пак, тогаш во изјава за медиумите го оспори извештајот велејќи дека државниот обвинител нема право да се меша во постапувањето по конкретен премер, а за тоа дали имало основи за издавање наредба за претрес одлучува судот, а не обвинителот.
По надзорот беше поведена и дисциплинска постапка за трите обвинителки, а за Русковска беше одредена и суспензија, на која таа се жалеше, но Советот на јавни обвинители ја отфрли жалбата.
„Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска туку за суспензија на правото и суспендирање на правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет после ова мене што ми се случи не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите“,
изјави Русковска на 19 август кога ја поднесе жалбата за суспензијата.
Русковска во претходните јавни настапи, а откако беше најавена кривичната од Муареми, повика и странски амбасади и европската обвинителка Лаура Ковеси да реагираат поради притисоци од поранешниот директор на УФП, но и од ЕУ и од Американската амбасада во Скопје рекоа дека случајот треба да го расчистат надлежните органи.
Инаку, и Арафат Муареми си поднесе оставка паралелно со суспензијата на Русковска. Иако истиот период му истекуваше мандатот, тој оставката ја доведе во директна корелација со суспензијата на обвинителката и случајот со претресот во УФП. Ваквата одлука, напиша тој во писмена изјава, ја донел за да не постои сомнеж во интегритетот и независноста во постапката што се води за расветлување на сите аспекти околу претресот.
Инаку, откако Советот на јавни обвинители ја одби жалбата за нејзината суспензија, на 29 август го назначија Трајче Пеливанов за времен шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а во меѓувреме одлучија да распишат и оглас за нов шеф со оглед дека на Русковска во ноември ѝ завршува и мандатот.