Податоците што ги побаравме и ги добивме од МВР се однесуваа на бројот на руски државјани кои оствариле влез во земјава во период од 13 до 26 септември, односно во изминатите две недели. Како што може да се види од нив, во овој период во земјава влегле вкупно 562 државјани на Руската Федерација, а излез оствариле 512 лица

На граничните премини во земјава засега не се забележува отстапување на бројот на државјани на Руската Федерација што оствариле влез и излез во С Македонија по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација, што предизвика своевиден егзодус на руски граѓани во обид да ја избегнат воената обврска, покажуваат податоците што на барање на „360 степени“ ги добивме од Министерството за внатрешни работи.
Намерата беше да направиме увид во фрекфенцијата на руски државјани на територијата на земјава и да видиме дали има некакви промени по наредбата на претседателот Путин и случувањата на границите на земјите сосетки на Русија, но и во нашето соседство, особено во Србија, каде ден по наредбата за мобилизација пристигнаа голем број руски државјани.
Податоците што ги побаравме и ги добивме се однесуваа на бројот на руски државјани кои оствариле влез и излез од земјава во период од 13 до 26 септември, односно во изминатите две недели.
Како што може да се види од нив, во овој период влегле вкупно 562 државјани на Руската Федерација, а излез оствариле 512 лица.
Најголем број руски државјани, според податоците на граничните служби на МВР, влегле на 13 септември, вкупно 74, додека пак најмногу руси од земјава, вкупно 64, излегле на 22 септември или еден ден по прогласувањето на делумната мобилизација во Русија.
Истиот ден на 22 септември во земјава влегле 32 руски државјани.
По денови, во наведениот период од две недели, најмногу влегувања на руски државјани имало на 13 септември – 74 лица , потоа на 20 септември – 61 лице и на 24 септември – 55 руски државјани.
Најголем број на остварени излези од земјава се забележани по денови се забележани на 15 септември – 63 лица, на 22 септември – 64 лица и на 24 септември – 51 лице.
Податоците за влезот и излезот на руските државјани во земјава се однесуваат на копнените гранични премини и на граничниот премин на Аеродромот Скопје (преку Истанбул).
Целата фрекфенција на движење, односно на влез и излез на државјани на Руската федерација во земјава, според податоците што ни ги достави МВР за изминатите две недели, односно од 13 до 26 септември е следна:

Од МВР напоменуваат дека државјаните на Руската Федерација за влез во Република Северна Македонија треба да поседуваат виза за влез, освен во случаите согласно Спогодбата од 2008 година потпишана од Владите на двете земји.
Во врска со масовните напуштања на својата земја поради одлуката на претседателот Владимир Путин за делумна мобилизација на резервните сили за потребите на војната во Украина, премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави оти не очекува мигрантски бран од Русија во земјава.
„Јас не очекувам кај нас некаков бран од Русија, со оглед на тоа што ние немаме конекции со Русија така како што имаат некои други држави“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан дали властите во земјава размислуваат за укинување на визите за руските граѓани да можат да преминат во С Македонија, Ковачевски изјави дека нема таков предлог во моментов.
Инаку, денеска Министерството за надворешни работи информира дека се уште важи апелот до државјаните на земјава доколку се во можност, да ја напуштат Русија, кој беше упатен уште на 28 февруари годинава, кога беа воведени рестриктивните мерки кон Москва, како одговор на руската инвазија на Украина.
Во апелот од февруари, МНР ги повика нашите граѓани кои престојуваат на територијата на Руската Федерација да ги искористат расположливите комерцијални летови и копнени линии за напуштање на земјата, со оглед на одлуката на ЕУ и други европски земји, вклучувајќи ја и нашата, за затворање на европскиот воздушен простор за руските авиопревозници.
Рускиот претседател во четвртокот минатата недела, во обраќање до нацијата, соопшти дека наредил делумна мобилизација. Тој објасни дека Министерството за одбрана препорачало да се активираат воените резервисти бидејќи земјата се соочува со продолжен конфликт во Украина и Донбас. Путин рече дека Русија има помодерно оружје од она на НАТО и дека доколку постои закана за територијалниот интегритет на Русија, ќе бидат искористени сите средства.
По одлуката за мобилизација на 300 000 резервисти, ширум Русија избувнаа протести, во кои беа уапсени неколку илјади демонстранти, а голем број Руси почнаа да ја напуштаат земјата.
Бранот руски граѓани што бегаат е особено присутен на границите со Финска и Грузија, а дел од нив ги користат директните летови што Русија ги има со Белград и Истанбул за да ја напуштат земјат, поради што и цените на авионските билети почнаа да растат.