Од Генералниот секретаријат, кој го објави и потоа го поништи тендерот, тврдат дека хардверот и софтверот што сакаат да го купат е наменет за системот е-влада. „Везилка“, која летово владата ја претстави како фабрика за вештачка интелигенција (ВИ), не можела да ги исполни сите потреби
Од Министерството за дигитална трансформација, пак, иако индиректно, тврдат дека „Везилка“ може да ги задоволи истите потреби кои се наведени како барање во техничката спецификација на тендерот на Генералниот секретаријат
Беа тоа последните денови на месецот јуни, кога во еден од најголемите скопски хотели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски го пречека премиерот Христијан Мицкоски.
Заедно со други членови на Владата, амбасадорот на ЕУ, претставници на науката и други, беа таму за да ја промовираат „Везилка“.

„Постојат проекти чија вредност не се мери само преку инвестицијата што ја носат или инфраструктурата што ја создаваат, туку преку нивната способност да ја променат насоката во која се движи едно општество“,
изјави на 24 јуни 2026 година премиерот Христијан Мицкоски.
Скратено, „Везилка“ е фабрика за вештачка интелигенција. Може да произведува решенија кои ѝ се потребни на науката, бизнисот, но и на државата – на македонски јазик.
„Во јавната администрација, ќе ги зајакне дигиталните јавни услуги и ќе ја подобри ефикасноста како за граѓаните, така и за бизнисите“,
изјави на истиот настан Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во РСМ.
„’Везилка’ не е проект за компјутери. ‘Везилка’ е проект за луѓе…. Институциите кои треба да станат поефикасни… но првенствено граѓаните кои треба да добијат подобри услуги“,
изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
„Везилка“ чинеше 6,2 милиони евра. Половина од парите ги даде ЕУ, а другата половина Владата и ФИНКИ во име на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Вештачка интелигенција само за Владата
Прашањето од милион евра, поточно милион и шестотини илјади, е – зошто Владата, откако вложи во „Везилка“, сега тргна да вложува во уште еден систем за вештачка интелигенција?

Еден месец откако е промовирана „Везилка“, или на 27 јули, Бирото за јавни набавки објавува ревидиран План за јавни набавки на Генералниот секретаријат на Владата. Во него, првпат се појавува предмет на договор за јавна набавка со следниот целосен назив: „ИТ-опрема и софтверски лиценци за поддршка на системи за вештачка интелигенција“. Таква набавка не била предвидена во основниот план за јавни набавки, на почетокот на годината.
Веќе на 7 август, Генералниот секретаријат објавува Оглас за јавна набавка. Проценетата вредност е 100 000 000 денари, односно околу 1,6 милиони евра. Набавката е за период од 36 месеци.
Во техничката спецификација се објаснува дека се набавува…
„Enterprise платформа за генеративна вештачка интелигенција (Enterprise AI Platform) која ќе овозможи безбедно користење на современи AI-технологии за поддршка на административните процеси, анализа на информации, обработка на документи, автоматизација на повторливи активности и подобрување на ефикасноста на работењето.“
Понудите требаше да се отворат на 9 септември. Кога се најавивме дека сакаме да присуствуваме на отворањето, ни одговорија дека постапката е поништена. Еден оператор поставил 60 прашања, а од страна на Комисијата бил прикачен погрешен одговор на некоe прашање. Најавија нов оглас.

Независно што повикот се поништи, се обративме официјално до Генералниот секретаријат, преку портпаролот на Владата. Првенствено – зошто купуваат хардвер и софтвер за поддршка на системи за вештачка интелигенција, кога државата веќе ја има „Везилка“? Ова е дел од одговорот:
„’Везилка’ не ја заменува потребата од локална продукциска инфраструктура за е-влада, ниту, пак, оваа инфраструктура го дуплира проектот ‘Везилка’. Станува збор за различни компоненти со различна намена, кои во одредени случаи можат да се надополнуваат…“,
ни одговорија од Генералниот секретаријат.
А, во друг дел од одговорот може да се препознае објаснување зошто освен софтвер е потребен и дополнителен хардвер.
„Имајќи предвид дека е-влада се користи за работа со материјали и документи поврзани со работата и седниците на Владата, предвидено е AI-решенијата да се извршуваат на локална, on-premise инфраструктура. На тој начин документите и податоците остануваат во контролирана средина и нема потреба да се испраќаат до јавни или надворешни AI-сервиси. Тоа овозможува поголема контрола врз безбедноста, пристапот до податоците и начинот на нивна обработка.“
одговорија од Генералниот секретаријат.
Едно од прашањата кои ги поставивме до Владата беше и дали Генералниот секретаријат се консултирал со Министерство за дигитална трансформација?
Меѓу редови…
Не добивме одговор со децидно „не“ или „да“, туку објаснување дека не постои таква законска обврска, но и дека сепак – министерството е во постојана комуникација со Генералниот секретаријат.

Паралелно, прашавме и во Министерството за дигитална трансформација – дали Генералниот секретаријат ги консултирал? Одговорот не е дециден, но укажува дека немало комуникација за ова прашање.
„Во насока на спроведување на јавни набавки на други институции, во моментот не постои законска обврска било која институција, вклучително и Генералниот секретаријат на Владата на РСМ да го консултираат Министерството за дигитална трансформација при спроведување на јавни набавки. Во таа смисла, определувањето на целисходноста, оправданоста, потребата и опфатот/опсегот на секоја набавка е задача и одговорност на секоја поединечна институција.“
ни одговорија од Министерството за дигитална трансформација.
Нашето следно прашање беше – дали во Министерството сметаат дека државата воопшто има потреба од набавката која ја планира Генералниот секретаријат во услови кога постои „Везилка“?

Поточно, потребно ли е да се купува нов систем, кој според техничката документација во тендерот на Генералниот секретаријат треба да овозможи „безбедно користење на современи AI-технологии за поддршка на административните процеси, анализа на информации, обработка на документи, автоматизација на повторливи активности и подобрување на ефикасноста на работењето“, во услови кога постои „Везилка“?
„Во врска со проектот ‘Везилка’, можеме да ве известиме дека станува збор за капитален проект за дигиталната трансформација на земјата што ги поврзува домашните универзитети, стартапи, компании и институции со суперкомпјутерите и дигиталните ресурси на Европската Унија. Проектот предвидува набавка на хардвер и развој на софтвер за голем јазичен модел на македонски јазик, кој потоа се планира да се користи и во јавната администрација за поддршка на административните процеси, анализа на информации, обработка на документи, автоматизација на повторливи активности и подобрување на ефикасноста на работењето“,
ни одговорија од Министерството за дигитална трансформација.
Или, од ресорот на Стефан Андоновски и тука не беа децидни. Но, изборот на зборовите недвосмислено укажува на тоа дека – „Везилка“ може сè што Генералниот секретаријат сака да го купи на нов тендер.
Случајно или не, Генералниот секретаријат засега не го распишал тендерот повторно.
