Првообвинетиот ексдиректор на Дражавна лотарија, Бајрами, по кого се трагаше со меѓународна потерница, на 9 септември се појави на граничниот премин „Блаце“, по што беше приведен и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на претходно определениот притвор
На Бајрами, ексвицепремиерот Артан Груби и на уште шестмина обвинети им се суди за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со противзаконска набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска напладне треба да продолжи судскиот процес за случајот „Државна лотарија“ во кој осум лица се обвинети за злоупотреби во државното претпријатие тешки 9,7 милиони евра.

На денешното рочиште на обвинителната клупа треба да седне и првообвинетиот поранешен директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, кој по речиси две години бегство се врати во државата и самиот им се предаде на органите на прогонот. Бајрами, по кого се трагаше со меѓународна потерница, на 9 септември се појави на граничниот премин „Блаце“, по што беше приведен и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на претходно определениот притвор.
Покрај него, во предметот се обвинети и поранешниот прв вицепремниер Артан Груби, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски и петмина ексчленови на Надзорниот одбор на претпријатието – Скендер Мхмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди.
На претходното рочиште, на кое и формално почна судењето, сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за кривичното дело што им се става на товар, освен Бајрами, кој тогаш сè уште не беше во бегство, како и обвинетиот Башким Авди, кој рече дека не разбира за што е обвинет и побара обвинението и доказите да му бидат доставени на неговиот мајчин, албански јазик.
Инаку, главната расправа требаше да продолжи на 11 и 16 септември, но судот ги отповика овие две рочишта, за да му се остави време на првообвинетиот Перпарим Бајрами да изврши увид во обвинителниот предлог и во доказите, за што законскиот рок е осум дена.
Дополнително, од Основното јавно обвинителство Скопје на 9 септември, соопштија дека против Бајрами во тек се уште четири постапки за истото дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.
На сите обвинети им се суди за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со противзаконска набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа.
Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД Државна лотарија нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали. Ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на задничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот.
Инаку, во текот на истрагата обвинетите се товареа за кривичното дело проневера во службата, за кое, според членот 354 од Кривичниот законик е предвидена повисока казна, но со поднесувањето на обвинителниот предлог, обвинителите од ОЈО Скопје направија преквалификација на делото во Злоупотреба на службената положба и овластување.

„Во однос на тоа зошто е променета квалификацијата – таа е променета затоа што сметавме дека не обезбедивме докази со кои ќе успееме да го докажеме кривичното дело проневера во службата“,
рече во изјава за медиумите обвинителот Даниел Коцев, по завршувањето на рочиштето на 7 септември.
Новина во обвинителниот предлог е што Обвинителството направи негово допрецизирање, што произлегло од вештачењето, и според кое, наместо за штета од 507 623 173 денари или 8,2 милиони евра, обвинетите сега се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра или 596 125 511 денари.
Судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска Јовевски, како судија поединец, бидејќи предметот е по обвинителен предлог, а не обвинителен акт и се води по скратена постапка.
