Речиси 1 000 украински борци скриени во челичарницата „Азовстал“ во Мариупол се предале досега, соопшти руското Министерство за одбрана. Според овие информации, 694 борци на украинската војска и единицата „Азов“ се предале во последните 24 часа.
Оттаму додаваат дека вкупно 959 војници се предале досега, вклучувајќи и 265 лица кои ја напуштија челичарницата во првите евакуации во понеделникот.
Оние што ја напуштаат челичарницата се носат на територија под руска контрола. Украинските власти сè уште не излегоа со најновите информации за тоа колку борци денеска ја напуштиле фабриката во Мариупол.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека акцијата за спасување војници продолжува.
Русија и Украина споменуваа договор според кој војниците би можеле да ја напуштат челичарницата, но многу детали од тој договор не се јавни.
Кремљ соопшти дека кон заробениците ќе се постапува во рамките на меѓународните стандарди, додека украинските власти побараа размена на заробеници.