„Тие не се тука пред овој суд, тие се на бојното поле, водат агресивна војна против мојата земја. Вака Русија ги решава своите несогласувања“, истакна украинскиот амбасадор во Холандија, Антон Кориниевич, откако Русија одби да се појави на сослушувањето во Меѓународниот суд на правдата за случајот за воените дејствија, кој го покрена Украина
Украинскиот амбасадор во Холандија, Антон Кориниевич, денеска изјави дека Русија не се појавила пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг бидејќи сака да води војна против неговата земја.
„Фактот дека местата што требаше да ги заземе Русија се празни, доволно покажува. Тие не се тука пред овој суд, тие се на бојното поле, водат агресивна војна против мојата земја. Вака Русија ги решава своите несогласувања“,
истакна Кориниевич, член на украинската делегација во судот.
Русија денеска одби да се појави на отворањето на сослушувањето во Меѓународниот суд на правдата (МСП) за случајот покренат од Украина, која бара од највисокиот суд на ОН да и наложи на Москва да ја запре инвазијата врз Украина.
„Судот жали што делегацијата на Руската Федерација не се појави на ова рочиште“,
истакна Џоан Доногју, судијка претседавач на МСП.
Американската судијка Џоан Доногју изјави дека рускиот амбасадор во Холандија ги информирал судиите оти „неговата влада немала намера да учествува во усната постапка“.
Сослушувањето се одржа без руската делегација.
Претходно, Украина го повика Меѓународниот суд на правдата да ѝ наложи на Русија да ја запре инвазијата, тврдејќи дека Москва го оправдува нападот врз основа на погрешно толкување на Конвенцијата за геноцид.
Тужбата на Украина поднесена до Меѓународниот суд на правдата (МСП) се фокусира на толкувањето на Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот од 1948 година, договор потпишан од двете земји, а во тужбата се наведува дека дека руското тврдење за геноцид не е точно и оти Путин нема правно оправдување за инвазијата.