Процентот на Роми на кои за време на пандемијата со ковид-19 им се намалиле платите и другите приходи во Северна Македонија изнесува 59, за разлика од регионалниот просек кој е околу 50 отсто. Зголемување на приходите, пак, имало кај само еден отсто
На секој втор Ром на Западен Балкан во текот на пандемијата со ковид-19 му се намалиле приходите, а мнозинството (64 отсто) се плашат и дека ќе ги загубат работните места во наредните 12 месеци.
На секое второ дете од ромска припадност, пак, онлајн-наставата му е потешка во споредба со наставата со физичко присуството, а дури три од четири деца Роми не добиле помош за време на онлајн-предавањата, како од нивните наставници така и од соучениците.
Ова се дел од резултатите на истражувањето презентирано денеска на регионалната конференција за социоекономското влијание на ковид-19 врз Ромите од Западен Балкан, во организација на Проектот за интеграција при Ромите на Советот за регионална соработка (СРС).
Токму образованието и вработувањето се двете области каде пандемијата најмногу ја погодила оваа популација.
„Стапката на напуштање на училиште се зголемила за речиси 11 отсто на регионално ниво. Тоа најмногу се должи на тешката финансиска состојба на семејствата, со оглед дека секој втор Ром пријавил дека има намалени приходи. Знаејќи ги предизвиците со кои се соочуваат, целта на Советот за регионална соработка е да ја зајакне вклученоста на граѓаните во промовирањето, обликувањето и спроведувањето на главните политики и процеси“,
рече Орхан Усеин, шеф на Канцеларијата за интеграција на Ромите при Советот за регионална соработка (СРС).
Денешната регионална конференција во Белград собра околу 70 претставници на институции од државите од Западен Балкан, на меѓународни организации, на граѓанското општество, како и претставници на Европската Унија (ЕУ).
„Она што е наша главна лекција е дека ранливите групи станаа уште поранливи во текот на кризата“,
рече Снежана Вуковиќ, шефица на одделот за човекови и малцински права во образованието од српското Министерство за образование, наука и технолошки развој.
Во истражувањето учествувале 3 000 Роми од шесте држави на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, од кои 26,2 отсто биле од земјава.
Каква е состојбата со Ромите во Северна Македонија
За мнозинството онлајн-наставата е потешка
Од учесниците во истражувањето кои биле интервјуирани во Северна Македонија, за дури 59 отсто пандемијата го променила времето и начинот на учење, а за мнозинството (58 отсто) онлајн-часовите биле потешки за разбирање. Дека добиле помош од наставниците кога нешто не разбрале, одговориле само 21 отсто од испитаниците, а кога станува збор за помош од соучениците процентот изнесува само 11.
Процентот на деца кои го напуштиле училиштето поради тешка финансиска состојба, пак, изнесува девет.
Истражувањето опфаќа и податоци за тоа колку од нив виделе некаква корист од мерките за поддршка на онлајн-учењето. 68 отсто од учесниците тврделе дека добиле помош, најмногу од нив – 50 отсто добиле помош околу електронските уреди, 23 добиле материјали за учење, а 16 отсто додатоци/помошни материјали.
На 59 отсто им се намалиле приходите – 63 отсто доцнат со плаќањето на сметките
Процентот на Роми на кои им се намалиле платите и другите приходи во Северна Македонија е повисок од регионалниот кој изнесува околу 50. Кај нас, тој изнесува 59 проценти. Зголемување, пак, имало кај само еден отсто.
Останатите 40 отсто од испитаниците тврделе дека приходите им останале исти.
Загрижувачки информации од истражувањето откриваат и анализите на прашањата кои се однесуваат на трошоците за живот. Дури 63 отсто од испитаниците Роми рекле дека доцнат со плаќањето на комуналните трошоци, 54 отсто имаат проблеми со трошоците за облека, 46 со плаќањето за храна, 40 за хигиенски производи и 33 отсто за лекови.
„Во споредба со останатите, испитаниците од Северна Македонија се во најлоша ситуација во однос на доцнењето со плаќањето за најголем дел од трошоците за живот. Процентот на ослободување од плаќања преку владините мерки е прилично мал, што е недоволно за да се ублажи проблемот со задоцнето плаќање“,
покажува анализата.
Полесно до маска, потешко до средства за дезинфекција
Во врска со здравствените услови во текот на пандемијата и заштитата од вирусот, истражувањето открива дека најголем пристап Ромите имаат до маските (40 отсто), а слична бројка велат дека имаат пристап до средства за дезинфекција. 48 отсто од Ромите, пак, пријавиле дека им е тешко да набават дезинфекциски средства и ракавици.
Во однос на здравствените установи, за мнозинството (58 отсто) тие се наоѓаат во близина на нивните домови. Во текот на пандемијата 69 отсто се тестирале за ковид, а податоците околу ставовите за вакцините откриваат дека 40 отсто сакаат да се вакцинираат, 25 отсто не, а 35 се неопределени. Загрижени околу несаканите ефекти од вакцината се 57 отсто, додека 16 отсто не веруваат во нивната ефикасност.
Доколку некој од испитаниците треба да оди во самоизолација поради изложеност на ковид, дури 43 отсто одговориле дека немаат услови за тоа во нивните домови.
Каква е регионалната слика
Детални податоци за влијанието на пандемијата во однос образованието, (не)вработеноста, здравството и домаќинствата, анализата покажува и за останатите пет земји од Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, и Србија), но дава и генерална слика за состојбата на Ромите во регионот.
Паралелно со тоа што на секое второ дете онлајн-наставата му е потешка во споредба со онаа со физичко присуство односно има полоши резултати во училиште кога има предавања на далечина, половина од родителите Роми сакаат нивните деца да ги слушаат предавањата во училиште.
Поврзано со овој податок е и информацијата дека само четири од десет деца искористиле некоја мерка за помош на училиште –најголем дел од нив (40 отсто) добиле на располагање дигитални алатки, 38 отсто добивале материјали за учење, а 15 отсто добиле на помош додатоци/помошни материјали.
Поддршка во образованието во последната година, според одговорите на испитаниците, генерално Ромите во регионот добивале од локални организации и локални самоуправи, додека владите и приватните донатори дале најмала поддршка – осум односно седум отсто.
Во однос на работата, пак, седум отсто од Ромите на Западен Балкан, кои биле дел од истражувањето, останале без работа. Во однос на работа од дома, помал е бројот на оние кои можеле тоа да си го дозволат.
„Речиси три од десет испитаници можеле делумно да ја префрлат својата работа на онлајн платформите, а работното време се зголемило за двајца од десет испитаници (за ист надомест)“,
покажува истражувањето.
Според одговорите на испитаниците, слаб е процентот и на оние кои искористиле некоја владина мерка поврзана со вработување – еден од десет, а од нив 42 отсто добиле директна финансиска помош, а 22 отсто добиле одложување на плаќањата.
Кога станува збор за плаќањето на сметките, пак, секој втор Ром во регионот се соочува со таков проблем, но уште позагрижувачки е што тројца од десет испитаници имаат таков проблем со плаќањето за храна.
„Накратко, резултатите од регионалното истражување укажуваат на тоа дека се влошил амбиентот за вработување/работната активност на Ромите во регионот на Западен Балкан. Непосредните ефекти од рестриктивните мерки ги намалија нивната економска активност и приходите, а сиромашните ромски заедници продолжуваат да се справуваат со зголемена ненахранетост, долгови, невработеност и ризици поврзани со здравјето“,
констатираат авторите на анализата.
Она што се забележува во истражувањето е и дека мерките поврзани со вработувањето во време на ковид-пандемијата биле недоволни и несоодветни за да се задоволат потребите на ромската популација на Западен Балкан ако се земе предвид нивното големи присуство во неформалната економија. Трансферот на нивните бизниси на онлајн-платформите, пак, бил препуштен на индивидуални и ад-хок иницијативи.
Владите на Западен Балкан да ги преиспитаат научените лекции
Јасно е дека здравјето и безбедноста ќе продолжат да бидат од примарна важност во креирањето на политиките за справување со последиците од пандемијата, порачуваат авторите на анализата.
Клучна препорака до владите на Западен Балкан, се наведува во заклучоците, е да гледаат на ковид-кризата како на менувач на правилата на игра од сите аспекти. Лекциите кои се научени од досегашните мерки за ублажување на последиците, како што велат, мора дополнително да се испитаат и да се усогласат со потребите на граѓаните.
Ромите, порачаа учесниците на денешната конференција, не смеат да бидат изоставени од агендите.
„Во главните процеси на кои работиме, дигиталните и зелените агенди, имаме за цел да обезбедиме корист од мерките да имаат и тешко достапните групи. Нашиот став е дека Ромите не смеат да бидат изоставени од овие агенди“,
рече Елда Калаја, раководителка на генералниот секретаријат на СРС.
Координаторката за политики за Ромите во Директоратот за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Марта Гарсија Фидалго, исто така, порача дека Ромите не треба да се изостават од дигиталната и зелената агенда.
„Свесни сме дека не можеме да продолжиме со вообичаениот пристап. Нашата поддршка и политика треба да се ревидираат. Оваа ревизија треба да опфати различни области и да се воведат нови области како што се антиџипсизам, дигиталната и зелената агенда“
рече Гарсија Фидалго.
Истражувањето односно интервјуата со 3 000 припадници на ромската заедница на Западен Балкан биле спроведени во периодот од април до мај 2021 година. Анализата прави проценка на моменталната состојба на Ромите во регионот и целта е преку обезбедените податоци да се помогне во дефинирање на мерките кои може да се вклучат во политиките и новите стратегии за интеграција на Ромите.