Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, најавува и можно проширување на евтината тарифа во дневните часови, особено помеѓу 11 и 15 часот, кога има најголем вишок на енергија
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, вели дека се анализира можноста за воведување на евтина тарифа за електична енергија во текот на целиот викенд, односно и во сабота.

Ристов вели дека воведувањето евтина тарифа во сабота, покрај во недела, е добра идеја која вреди да се разгледа, бидејќи, како што вели, тогаш има помала индустриска потрошувачка и вишок на енергија.
„Правиме и такви анализи бидејќи и во сабота и во недела практично имаме вишок на енергија што го потврдуваат и цените на електричната енергија на берзата. И сабота и недела се периоди во кои најголем дел од индустријата не работи поради што има вишок на енергија на пазарот која може исто да биде менаџирана“,
вели Ристов во интервју за МИА, додавајќи дека ваквата опција е на маса.
За ваквиот предлог, вели претседателот на РКЕ, ќе има јавна дебата на која ќе биде издискутиран и доколку се утврди дека е поволен, ќе се започне со негова примена. Ристов најавува и можно проширување на евтината тарифа во дневните часови, особено помеѓу 11 и 15 часот, кога има најголем вишок на енергија.
„Она што ние сега моментално го добиваме како податоци од македоната берза, односно од МЕМО, во кој период од денот колку енергија се троши по која цена се продава, факт е дека има еден убав период од 11 до 15 часот во кој берзанските цени се многу ниски затоа што имаме вишок на енергија. Во тој распон можеби ќе се движиме со зголемување на периодот на поевтина електрична енергија, а за разлика од тоа можеби ќе има намалување во ноќните часови. Најскапата енергија на пазарот и највисоката берзанска цена е од 21 до 23 или 24 часот, токму во периодот кога ние имаме ноќна евтина тарифа, што е апсурд“,
вели претсетелот на РКЕ.
Ристов вели дека РКЕ размислува и за ревизија на блок-тарифите кои се воведени во текот на енергетската криза во 2022 година, бидејќи оттогаш досега променети се многу работи во енергетскиот систем. Целта, вели тој, е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија.
