Резултатите од тестот за коронавирусот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се очекуваат околу 16 часот, соопштија од Министерството за здравство во денешниот извештај за новиот број случаи на заразени со ковид-19 .
Веднаш потоа, како што е најавено, министерот за здравство Венко Филипче ќе одржи прес-конференција да ги соопшти деталите, како и да информира за состојбата и актуелните прашања со коронавирусот во земјата.
Во моментов се одржува вонредна консултација меѓу стручниот тим на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за да се утврдат следните чекори во однос на заштита и изолација, во зависност од исходот на резултатот“,
велат од ресорното Министерство.
Филипче претпладнево соопшти дека, покрај Заев, во задолжителна изолација е и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, чиј тест е негативен. Лидерите на двете најголеми партии, пред неколку дена, биле на интервјуа кај ист новинар во Канал 5, на кого, во меѓувреме, му е дијагностициран коронавирус и сега е на лекување во болницата „8 Септември“.