Во денешната статистика ќе бидат евидентирани две претходно починати лица
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус во нашата земја е 711 лица
Регистрирани се нови 48 случаи на ковид-19 во земјава во последното деноноќие, кога, како што соопштија од Министерството за здравство, се направени и рекорден број – 496 тестирања за присуство на вирусот. Во споредба со вчерашниот ден, кога биле направени 389 тестирања, денеска се евидентирани два нови случаи повеќе.
Најмногу нови случаи и овој пат се регистрирани во Куманово – 25, потоа е Скопје – со 11 случаи, па Прилеп – 4, Струга – 3 и Гостивар – 2, додека во Штип, Тетово и Охрид се откриени по еден новозаразен.
Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, во денешната статистика ќе бидат евидентирани две претходно починати лица. Едно лице од Лабуништа – Струга (63 години) за кое Министерството информираше на 5 април. Пациентот бил донесен во тешка состојба на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а неговиот тест е изработен посмртно. Во денешната статистика на ИЈЗ ќе биде евидентиран и починатиот притвореник од Истражниот затвор во Шутка, за кој Министерството информираше во текот на вчерашниот ден.
Министерството за здравство информира дека денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два негативни теста на ковид-19 се испишани тројца оздравени пациенти. Двајца се од Тетово, а еден од Куманово. Двапати негативен и оздравен е и пациент од Скопје кој се лекуваше во домашни услови.
Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус во нашата земја е 711 лица. Според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во:
Скопје – 284
Куманово – 168
Дебар – 49
Штип-21
Прилеп –50
Тетово – 31
Струга – 33
Велес – 18
Битола –8
Охрид –4
Кавадарци – 3
Гостивар –6
Гевгелија – 4
Струмица – 2
Крива Паланка-3
Радовиш – 4
Крушево – 3
Кочани – 19
Пробиштип – 1
Од 496 тестирање, преку Институтот за јавно здравје се направени 353, преку Ветеринарниот факултет –9, „Авицена“ –14 , „Биотек“ –24 и „Филип Втори“ – 96. Досега во земјата се направени 7.067 тестирања на ковид-19.