Сериозен пожар попладневo избил и во велешко Салм. Ангелов вели дека пожарникарите водат битка да го заштитат селото
Состојбата со пожари на отворен простор денеска е подобра во однос на вчера, но повторно досега има дваесетина пожари, од кои 8 се активни во овој момент, соопшти попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Како најкомплексен пожар за гаснење останува пожарот во Студеничани, над селото Рамни Габер.
„Цел ден дејствуваат ‘еракторите’, значително е намален поголем дел од горните краци, но потребно е уште многу работа за истиот да биде изгаснат“,
вели Ангелов.
Гори и во Македонски Брод, во атарот на селото Драгов Дол. Таму втор ден гаснат 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС. Ангелов вели дека има значаен напредок и е воспоставена контрола.
Пожар има и во Општина Новаци, кај село Маково и Црничани, каде што горат ниска вегетација и деградирана шума.
„Очекувам во текот на денешниот ден овој пожар, кој се одвива на место каде што има неексплодирани убојни средства, да биде совладан“,
рече Ангелов.
Сериозен пожар попладневo избил и во Велешко – во селото Салм. Ангелов вели дека пожарникарите водат битка да го заштитат селото, но посочи дека верува во нив и очекува уште денеска да биде изгаснат.
Горело и на две места во Струга – сè уште е активен епожарот во Делогожда, каде гори ниска вегетација, но зафатил голема површина. Масовно на пожарникарите им помагало и локалното население.
Пожар попладнево избил и во атарот на село Борино и село Житоше, во Крушево. Ангелов вели дека се работи за тешко пристапен терен.
„Таму ќе биде упатен еден полициски хелихоптер кој набргу треба да започне со дејство, бидејќи во близина има непосреден извор за полнење вода“,
кажа Ангелов.
На територијата на Општина Куманово , во селото Ново Сељање горат стрниште и нсика вегетација, а директорот на ДЗС очекува овој пожар брзо да биде изгаснат.
„Уште еднаш апелирам до сите граѓани, да бидат исклучително внимателни. Доволна е само искра за вистинска катастрофа“,
рече тој.
