Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во петокот ја презентираше резолуцијата, се заблагодари на СДСМ и други помали партии и посочи дека очекува истата да помине во парламентот односно да не се користат трикови за нејзино блокирање
По СДСМ и Демократскиот сојуз (ДС), уште две партии од владејачкото мнозинство, ДОМ и ЛДП, излегоа со став дека за нив е прифатлива резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за дефинирање на македонските црвени линии во однос на спорот со Бугарија.
Пратениците од овие партии денеска имаа средба со нивните колеги од опозицијата, Антонио Милошоски и Тимчо Муцунски, по што во изјава за медиумите потврдија дека е резолуцијата за нив е прифатлива.
„Текстот на драфт-резолуцијата генерално за нас е прифатлив. Секако останува овој текст отворен за дополнување, корекции, се разбира треба да се усогласи со уставното име на државата“,
изјави Маја Морачанин од ДОМ кој порача дека за ваков документ треба да има широк консензус.
Сличен е и ставот на ЛДП, од каде бараат во резолуцијата да се стави уставното име Република Северна Македонија.
„Ни беше презентиран истиот текст што вчера беше споделен со медиумите. За нас драфт – резолуцијата е прифатлива, имавме забелешки само во делот каде што треба да се усогласи уставното име. Собранието треба да биде обединето околу ова прашање“,
изјави Моника Зајкова од ЛДП.
Најавата дека СДСМ ќе ја прифати резолуцијата, пак, претходно ја даде пратеникот и портпарол на владејачката партија, Константин Костадинов. На прес-конференција денеска тој рече дека пратениците од СДСМ сè уште официјално не го добиле предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, но тие ќе го прифатат онаков како што е објавен во медиуми.
„Идентитетски линии им се јасни на сите, и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во рамки на парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата, таква каква што е, каква што всушност и ја видовме во медиумите, затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема. Согласно Уставот, ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата, секако ние, како одговорно мнозинство, ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите“,
рече Костадинов и додаде дека на ваков начин ќе избијат на површина и сите лаги што ги пласира опозицијата за наводно национално предавство.
Демократскиот сојуз, исто така, рече дека треба да се донесе резолуција и порача дека е потребно да се подобри текстот на актуелниот предлог.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во петокот ја презентираше резолуцијата, се заблагодари на СДСМ и други помали партии и посочи дека очекува истата да помине во парламентот односно да не се користат трикови за нејзино блокирање.
„Се заблагодарувам на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција. Се заблагодарувам на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат Резолуцијата или беа спремни на разговор со нас за истата. Се надевам дека денешната изјава од СДСМ е искрена и се базира на сериозните аргументи кои ги понудивме. Доколку СДСМ не постапат според денес кажаното или доколку се обидат низ процедурални собраниски трикови да го закочат носењето на оваа Резолуција, тогаш ќе направат штета за Македонија. Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Македонија има повеќе ум и мудрост од сè што видовме досега“,
порача Мицкоски.