Помалиот коалициски партнер во власта, Демократски сојуз, исто така, денеска излезе со став дека парламентот треба да донесе резолуција и со тоа да се упати јасна порака до ЕУ и соседите дека никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот. Од партијата додаваат дека очекуваат текстот од актуелниот предлог да се подобри
Владејачкиот СДСМ е подготвен да ја прифати предлог-резолуцијата за дефинирање на македонските црвени линии во однос на спорот со Бугарија, најави денеска пратеникот и портпарол на партијата, Костадин Костадинов.
Тој вели дека пратениците од СДСМ сè уште официјално не го добиле предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, но тие ќе го прифатат онаков како што е објавен во медиуми.
„Идентитетски линии им се јасни на сите, и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во рамки на парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата, таква каква што е, каква што всушност и ја видовме во медиумите, затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема. Согласно Уставот, ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата, секако ние, како одговорно мнозинство, ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите,
рече Костадинов.
Тој смета дека на ваков начин ќе избијат на површина сите лаги што ги пласира опозицијата за наводно национално предавство и на ваков начин ќе испратат уште една порака дека јазикот и идентитетот се затворени прашања.
„Со тоа, уште еднаш испраќаме силна порака до сите дека македонскиот идентитет и јазик се затворена тема и тоа треба да им биде јасно на сите. Со сигурност нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања. Тоа како одговорни политичари имаме обврска да го направиме. Македонскиот идентитет е светост која е повисока и поважна од рејтингот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграција во Европската Унија со заштитен македонски јазик и со заштитен македонски идентитет“,
додаде пратеникот.
Помалиот коалициски партнер во власта, Демократски сојуз, исто така, денеска излезе со став дека парламентот треба да донесе резолуција и со тоа да се упати јасна порака до ЕУ и соседите дека никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот. Од партијата додаваат дека очекуваат текстот на актуелниот предлог да се подобри.
„Демократскиот сојуз инсистира на консензус при носење резолуција или декларација на Собранието. За овие прашања е потребен и граѓански и политички консензус, а не тие да бидат причина за внатрешни поделби и собирање на дневно-политички поени. Очекуваме расправа во парламентот и подобрување на текстот на предложената резолуција, за таа да биде основа за сплотување, помирување и надминување на внатрешните поделби и конфликти“,
соопштија од ДС.
Како што веќе објавивме, за денеска беше најавена средба на пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и Тимчо Муцунски. Во денешната агенда на опозицијата е и средба со пратеници од ЛДП и ДОМ, Моника Зајкова, Боби Мојсоски и Маја Морачанин.
Предлог-резолуцијата за црвените линии во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски ја објави во петокот на прес-конференција. Како што кажа и самиот, не станува збор за ексклузивен текст на партијата, туку за предлог кој се базира на дефинициите и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ и на МПЦ-ОА.
Точките од предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги објави Мицкоски, се следни:
– Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет;
– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според кои: македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет; македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор;
– споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам;
– процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите;
– да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.
– да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност,се точките во предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ.