Aко СДСМ вели дека македонскиот идентитет е заштитен, тогаш треба да го прифати овој документ, кој треба да биде натпартиски и да добие општествена поддршка, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Македонските јазик и идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од каква било расправа за тие прашања, особено не во македонското Собрание, реагираат од СДСМ
Резолуцијата што ја предлага ВМРО-ДПМНЕ за исцртување на црвените линии во спорот со Бугарија не е ексклузивен текст на партијата, туку се базира на дефинициите и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ и на МПЦ-ОА, нагласи во неколку наврати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, на која го презентираше документот што опозицијата планира следната седмица да го поднесе во парламентот.
Мицкоски потенцира дека највисоките научни институции во земјава го имаат дадено овој текст како своја рефлексија на спорот со Бугарија.
„Aко СДСМ вели дека македонскиот идентитет е заштитен, тогаш треба да го прифати овој текст. Да го поддржиме заеднички во парламентот овој документ, кој треба да биде натпартиски, треба да добие општествена поддршка. Доколку власта не ја поддржи оваа резолуција или не нападне затоа што ги исцртуваме јасно контурите за кои треба да добиеме општествена поддршка, а тие контури не ги исцртала ВМРО-ДПМНЕ, туку највисоките научни институции во државата, како МАНУ и УКИМ, тогаш Зоран Заев и СДСМ ќе потврдат дека преговараат за македонскиот идентитет“,
нагласи Мицкоски.
Што предвидува Меморандумот на МАНУ, УКИМ и НА МПЦ-ОА
Во почетокот на декември минатата година, МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА презентираа Меморандум, насловен „Македонски манифест“, а потпишан од првите луѓе на овие институции: претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.
„Ги повикуваме и ги охрабруваме претседателот на македонската држава, Собранието на Републиката, претседателот на Владата, печатените и електронските медиуми, научните, културните и уметничките институции и здруженија, соодветните министерства за образование и наука, за култура и за надворешни работи, собраниските и вонсобраниските политички партии, како и сите граѓани на Македонија:
– преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;
– да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација, туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности;
– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право“,
се наведува во Меморандумот на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА.
Академик Абдулменаф Беџети тогаш, во изјава за „360 степени“ се огради од Меморандумот и посочи дека Претседателството на МАНУ, каде што тој е член, воопшто не било консултирано за документот и дека за тоа ќе побара одговорност од Коцарев.
Ректорот на УКИМ, пак, тогаш ни изјави дека тој го потпишал Меморандумот како претставник на скопскиот универзитет, за што тврдеше дека добил „виза“ од Ректорската управа, која претходно утврди изјава во врска со загрозувањето на интеграцијата на С Македонија во ЕУ поради бугарското вето. Јанкуловски рече дека иницијативата за оваа изјава дошла од неколку факултети на УКИМ, а на инсистирање на „360 степени“ да каже за кои факултети станува збор, вели дека мисли дека првиот предлог во таа насока бил од Машинскиот факултет.
Во „Македонскиот манифест“ воопшто не се спомнува уставното име на државата – Република Северна Македонија.
Како гласи предлог-резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поднесе во Собранието
Мицкоски, денеска, го објави и текстот на предлог резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поднесе во Собранието, а кој, како што може да се забележи, во голем дел се поклопува со точките од Меморандумот на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА, но има и дополнителни точки.
– Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет;
– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според кои: македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет; македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор;
– споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам;
– процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите;
– да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.
– да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност,
се точките во предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ: Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет и јазик, нема потреба да поднесува резолуции
Од СДСМ реагираа по прес-конференцијата на Мицкоски и оценија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е изгубен во блокадите и дека е против државните интереси, така што, како што велат од владејачката партија, еден ден зборува едно, друг ден друго.
„Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот што го зборува, нема потреба да поднесува резолуции.
реагираа од СДСМ откако Мицкоски ја презентираше резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поднесе во Собранието.
Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања, особено не во македонското Собрание. Политичар како Мицкоски кој ги кочи интегративните процеси на државата не може да понуди никаква европска агенда. Очигледно е дека тој ќе измисли се само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата.Затоа е таму каде што е, сам и изолиран во опозиција, каде и долго ќе остане, затоа што граѓаните јасно кажаа дека се против деструктивни политичари кои сакаат државата да ја вратат назад во изолација“,