По една недела генерален штрајк во градинките, основните и средните училишта ширум земјава, остануваа неизвесно дали штрајкот ќе продолжи и утре или ќе биде ставен во мирување. Се чека одлуката на Синдикатот
Министерот за образование и наука Јетона Шаќири преку ФБ статус побара од наставниците во основните и средните училишта да го прекинат штрајкот и да го продолжат образовниот процес.
„Губењето на настава во услови како оваа пандемија, кога владата и Министерството за образование и наука, направи максимални напори да го нормализира образовниот процес, не оди во прилог никому, најмалку на учениците. Потребни сте им сега во овој период кога се подготвуваат за продолжување на образованието во средните училишта, за полагање на стручни испити и за државната матура, од што зависи нивната понатамошната образовна иднина и запишување на факултетите во земјава и во странство. Со нарушен образовен процес, сето ова не може да се реализира во предвидените рокови и е на штета на сегашните деветооделенци и матуранти, но и на сите останати ученици“
напиша Шаќири.
Шаќири истакна дека Владата и претставниците на СОНК се договориле викендот да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот. Тврди дека Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог било постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 %.
„Владата сака да излезе во пресрет на барањата на наставниот кадар. Сакаме да најдеме заедничко долгорочно решение со кое ќе обезбедиме континуиран раст на платите во образованието, но и ќе го гарантираме економско-социјалниот статус на кадарот“
напиша Шаќири на фб статус.
По една недела генерален штрајк во градинките, основните и средните училишта ширум земјава, остануваа неизвесно дали штрајкот ќе продолжи и утре или ќе биде ставен во мирување.
Денеска и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ги повикува воспитувачите и негувателите да го нормализираат воспитно-згрижувачкиот процес и да ги прифаќаат децата во градинките.
„Како Влада и Министерство кое води грижа не само за детскиот развој, туку и за унапредувањето на воспитно-згрижувачкиот кадар, имаме цврста определба да го продолжиме социјалниот дијалог од кој очекуваме да произлезат системски решенија кои одат во прилог на сите. Владата и Министерството за труд и социјална политика и претходно докажаа дека имаат слух за барањата на воспитно-згрижувачкиот кадар во градинките и дека не бегаат од решенија со кои се унапредува нивниот економско-социјален статус. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите на вработените во градинките кои се покачени за 21 отсто во последните четири години, што е историски најголем раст“,
објави Тренчевска на својот фејсбук профил.
Социјалниот дијалог, нагласува министерката, е единствениот пат да се дојде до заеднички решенија.
„Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Верувам дека интересот на децата ќе биде ставен на прво место. Градинките ќе ги отворат вратите, а преку силен постојан партнерски дијалог кој го продолжуваме со Синдикатот ќе изнајдеме модел со кој се обезбедува и гарантира постојан раст на платите за вработените во градинките“,
напиша министерката Тренчевска.