Пратеничката на СДСМ и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, денеска во просториите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција врши увид во доказите против неа собрани во втората истрага од аферата „Рекет“ која се однесува на работата на невладината организација Меѓународен сојуз. Осомничени се пет лица, но и Сојузот како и правно лице.
Адвокатот Сашко Дукоски, кој ги застапува осомничените Бојан Јовановски – Боки 13 и неговиот татко, Миле Јовановски, за „360 Степени“, вели дека вчера вршел увид во доказите против неговите клиенти, но увидот не е завршен.
Јовановски, кој е претседател на Меѓународниот сојуз како првоосомничен е под истрага за две дела – за перење пари и други приноси од казниво дело и за измама.
И заменик-претседателката на невладината, Јасна Мандиќ, е меѓу осомничените. Таа се наоѓа во домашен притвор, а увид во доказите правела вчера. Листата осомничени ја надополнува асистенката на Јовановски, Христина Блажевска.
Миле Јовановски, Мандиќ и Блажевска се осомничени за помагање на двете дела измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Ременски, пак, се товари само за помагање во делото измама.
Оваа втора истрага во „Рекет“, обвинителката Вилма Русковска ја отвори на 9 октомври годинава. Според официјалните информации објавени при отворањето на истрагата, обвинителството го сомничи Јовановски дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000.
Ременски, пак, според обвинителството одела на средбите што ги организирал Боки.
„Лицето како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, наведоа од обвинителството.
Засега од обвинителството нема потврда до каде е истражната постапка.
Според Законот за кривична постапка (ЗКП), пред да заврши истрагата обвинителството мора да ги испита осомничените. За завршување на истражната постапка обвинителот го известува осомничениот дека неговата одбрана има право во рок од 15 дена да поднесе исправи или други докази или да бара обвинителот да собере определени докази. Ако има такво барање, обвинителот е должен тоа да го заврши во рок од 30 дена.
ЗКП предвидува дека кога ќе заврши истрагата и ќе истечат овие рокови, обвинителството во рок од 15 дена треба да поднесе обвинение или да ја запре постапката. Овој рок може да трае и 30 дена ако станува збор за кривични дела од областа на организираниот криминал.