Не поминаа ниту 24 часа, а на Јутјуб повторно се појавија прислушувани разговори поврзани со „Рекет“, случајот за кој во прв степен се осудени на затворски казни Бојан Јовановски (Боки-13) и екс специјалната обвинителка Катица Јанева. Денешната „збирка“, всушност, е проширена и надградена верзија на вчерашните материјали
Сценариото е веќе видено. Непознат корисник отвора анонимен канал на Југјуб и на сервисот за размена на видео материјали „закачува“ прислушувани разговори. Рецептот делува како и претходно – никој не може да го открие „свиркачот“ ама затоа цела јавност добива можност да слушне што се случува зад кулисите.
Името на денешниот просветител е псевдонимот „Добар човек“. Личноста зад тој профил на Јутјуб објави вкупно 11 аудио записи со вкупна должина од 66 минути. Иако никаде не е наведно, јасно е дека денешната „папка“ е одговор на вчерашната, кога „Али Баба Тредичи“ стави два аудио записа на истиот начин на Јутјуб. Увертирата на оваа сторија може да ја прочитате на линкот подолу.
Што ни пренесе „Добар човек“?
Денеска објавените 11 разговори се однесуваат на тоа како преку посредници Орце Камчев се обидувал да излезе од притвор. Од материјалот не може да се заклучи кој прв почнал (дали Камчев барал услуга или му било пристапено), но нуди детали како течело пазарењето и меѓу кого. Според соговорниците, разговорите може да се поделат на два сегмента:
- Разговори меѓу Зоран Милески – Кичеец и адвокат Васил Димишков;
- Разговори меѓу Зоран Милески – Кичеец и Бојан Јовановски (Боки – 13).
Како што покажува заедничкиот содржател, а како што вчера изјави и обвинителката Вилма Русковска, овие разговори ги снимал Кичеец и нив во судница веќе ги користеше ОЈО за гонење на организиран криминал.
Кичеец како човек на Камчев
Првиот објавен аудио запис почнува со стартување на моторот на автомобил. По двеминутно возење, возилото застанува и во него влегува човек. Набрзо потоа станува јасно дека во возилото се двајца луѓе – Зоран Милевски – Кичеец и адвокатот Васко Димишков.
Кичеец досега беше познат како долгогодишен пријател на Камчев, но тој беше првиот осуден во „Рекет“ откако призна вина и реши да соработува со Обвинителството. Васко Димишков е брат на судијката Весна Димишкова, која го прифати барањето на СЈО Камчев да оди во притвор за „Империја“. Но, Димишков, во исто време, е и адвокат ангажиран од Стопанска банка – Битола, инаку во сопственост на Камчев.
По стартот на разговорот брзо станува јасно каква е природата на средбата. Кичеец е во улога на човек од доверба на Камчеви и посредува во име на семејството за бизнисменот да излезе од притвор. Адвокатот Димишков, исто така, е претставник, но на некоја друга страна која треба „да ја заврши работата“. Се разговара само за притворот, а Димишков дури се нуди да најде и пари за Камчев, доколку немаат во моментот.
Еве, ќе ги најдам јас средствата ако треба, само нека прифати тој да ги земеме. Толку. Еве, не знам, дали Ана е доволно само да биде или ќе треба и Ратка да биде. Кој сака нека дојде, нека види средствата кога ќе се даваат. Значи, да не биде така.
Средствата се големи ама што да правам, не можам да му ги намалам, Зоки верувај. Лошо име го бие што да му правам. Не е никој крив тука. До мене е тоа да го донесам дома, да помогнам за средства, ќе најдам да завршиме, повеќе од тоа не можам да направам. Ако му најде некој кој ќе му каже ќе ти најдам средства, нека дојде да ми каже,
вели Димишков во дел од разговорот
По ваквиот предлог, Кичеец ја сумира „понудата“ при што индиректно се инкриминира и судијката Димишкова. И тој ги споменува и имињата Ана и Ратка, инаку имиња кои ги носат сопругата и мајката на Орце Камчев.
„Јас ќе и кажам ова на Ане. Ќе кажам, имаш од сестра му ова, одобрување од СЈО или од КС (Кривичен совет) со којшто ќе завршат они што-каде, не знам тоа си е нивна работа“,
вели Кичеец.
„Ги прашав, ми рекоа ќе биде брзо. Како, ќе ја завршиме ние, ќе дојде дома. Добро. Тоа, моето е толку“,
реплицира Димшков.
„И тоа дека е само за пуштање од притвор“,
вели Кичеец.
„Да“,
вели Димишков.
„Не за дело тргање“,
вели Кичеец.
„Не, тоа си е башка работа“,
реплицира Димшков.
Потоа, адвокатот Димишков го предупредува Кичеец да престанат да праќаат луѓе во суд кои се распрашувале за Камчев. Се споменува името Наташа и името и презимето на уште еден адвокат.
„И да престанат, не мора веќе да праќаат луѓе по суд, навака-натака да трчаат“,
вели Димишков.
„Што?“,
вели Кичеец.
„Па има некои, нешто се интересираат, нудат пари навака-натака“,
вели Димишков.
„Тоа се само шпекулации“,
вели Кичеец.
„Кој доаѓа? Кој прашува за него? Дали има шанса да се заврши, нема шанса? По судон прашуваат“,
вели Димишков.
„Васко, ме гледаш во очи. Еден човек нема што може таму да гарантира дека некој некои пари нуди“,
вели Кичеец.
„Може мешетарат, не знам“,
вели Димишков.
„Ако некој е, жена му е. Никој друг. И Ратка има забрана да зборува. И Натка и секој“,
вели Кичеец.
„А Наташа“,
вели Димишков.
„Што Наташа?“
вели Кичеец.
„Па и таа се меша нешто“,
вели Димишков.
„Што?“,
вели Кичеец.
„Епа не знам, преку Славчо Секуловски се јавила и тој…“
вели Димишков.
„Кој е тој Славчо Секуловски“,
вели Кичеец.
„Адвокат“,
вели Димишков.
„Наташа, што може да заврши Наташа“,
вели Кичеец.
„Ама не е битно дали може или не може, битно се врти муабетот, прашуваат. Значи, остави да падне прашина на работава, никој да не брка и готово. Бркаме ние. Ако можеме, ќе завршиме. Ако не, нека бркаат после, нивна работа“,
вели Димишков.
„Нормални ли се. Наташа… Наташа може само да ја е.е работата. Кој и дал одобрение на Наташа да зборува?“,
вели Кичеец.
Димишков: Јас на времето менаџирав за Бајруш
Следните два разговора повторно се меѓу Кичеец и Димишков. Според содржината на снимката, Димишков доаѓа во просторија каде домаќин е Кичеец. Двајцата актери повторно се во иста улога. Точниот датум на разговорот, што може да се разбере од содржината, е 16 ноември 2018 година (петок). Тоа е неполна недела откако Камчев е ставен во притвор за „Империја“.
Димишков пак е посредник кој ветува дека може да помогне Камчев да излезе од притвор, но тој не е човекот кој ја диктира цената. Условот на неговите „луѓе“ е Камчев да плати милионска сума однапред за да излезе од Шутка.
Кичеец, од друга страна, бара од Димишков да пренесе до неговите дека Орце е човек од збор, но и дека сумата е многу висока. Бара ниска цена, од „неколку стотина илјади“, а откако Камчев ќе излезе од притвор, да си се договараат лично со него.
Интересен е моментот дека Димишков споменува име Бојан, а Кичеец одговара дека Орце директно разговарал за некои суми со Бојан, но за инвестиција во проекти.
„Јас мислам дека за некои цифри Бојан ти има спомнато“,
вели Димишков.
Ми нема ништо спомнато никој. За никаква цифра немам зборено. Ме разбираш. Значи, тој мене ми спомнуваше, тој го зборел тоа и со Орце, за некои таму лиценца-миценца, за трговски центар за некои хали, па таа лиценца коштала 4 милиони… Јас не сум бил присутен на тие муабети они двајца што правеле. Јас лично појдов и му кажав на Бојан дека таа работа е невозможна,
одговара Кичеец.
Во вториот разговор од истото место, кој е продолжение на првиот, Кичеец продолжува да инсистира на пониска цена за излегување од притвор на Камчев и гарантира дека Камчев е подготвен за повисока сума потоа да се договори за предметот против него.
„Дај ми цифра другар за да излезе од притвор. Кога ќе излезе од притвор, ќе си дојдеш и ќе си договорите цена. Орце, дојди ваму другар. Ова, ова и ова да го тераме две години и да го истераме, да си платиш кон државата толку и толку, ваму за оваа е толку, да немаш ниту А ниту Б и Ш, плус со твоите пријатели што си ги имаш ти да имаме поддршка, ќе те кошта толку другар. На толку рати ќе ми ги дадеш,
предлага Кичеец.
Кичеец се обидува да го убеди соговорникот и дека ако отиде да му ја пренесе на Камчев понудата од неколку милиони евра само за да излезе од притвор, дека бизнисменот ќе му врати „да оди да се е.е и тој и притворот“. Но, адвокатот Димишков продолжува дека Камчев не го бие добар глас и во еден момент кажува дека тој директно учествувал во плаќањето на три милиони за тутунскиот бос Бајруш Сејдиу да излезе од притвор.
„Затоа што јас на времето менаџирав за Бајруш кога донесоа решение за укинување на притворот. Тоа беше договорено на три милиона. Па после Сашо се испонаљути и го натера Јово на Врховен да го поништи решението законски, ама нема везе. Они беа тогаш силни и на власт и го поништија решението. Меѓутоа, три милиона беше решението за укинување на притворот. Човекот мене ми ги даде три милиона. Значи не е ненормална цифрата, мене ми е сосема нормална цифрата“,
вели Димишков.
Боки – 13: Не му се даваат многу пари на Орце
Следните пет разговори се на иста локација и се водат меѓу Зоран Милески – Кичеец и Бојан Јовановски (Боки-13). Кичеец и тука се претставува како посредник кој ги штити интересите на Камчев. Боки – 13 од друга страна, јасно е во улога на странка која бара пари од бизнисменот.
Но, на почетокот повторно се разговара за понудената „инвестиција“ од страна на Јовановски, која Камчев ја одбил. Кичеец признава дека го советувал Камчев да ја одбие, но и дека немал лоша намера бидејќи не знаел за што станува збор.
При крајот на разговорот број 3 Боки – 13 вели:
„Бев доволно коректен да не биде да му кажам 4 милиони, 300, 400 колку што кошта дај ги на ваков начин, за рекламирање или за било што. Јас му реков, врз основа на проект, многу интелигетно го имав тоа замислено и подготвено“,
вели во дел од разговорот Бојан Јовановски.
Потоа Милески вели дека би сакал Орце и Бојан да си ја завршат работата, затоа што на крај тој ќе испаднел виновен. Бојан реплицира дека тој излегол лош „бизниснудач“
Боки – 13 до Кичеец: Го знам цел предмет
Но, веќе во следниот разговор, станува јасно дека понудата за „инвестиција“, која Кичеец незнаејќи му советувал на Камчева да не ја прифаќа, всушност, била со друга цел.
„Не реков дека ти зборуваш глупости. Ја не би ги вложил тие пари во тоа. Боки, јас тебе не можам да те гледам во очи и да те лажам дека би ги уложил тие пари во тоа. Али работата била многу поголема од тоа што биле парите“,
вели Кичеец.
Откако Боки-13 се уверува дека „советот“ на Кичеец бил од незнаење, разговорот полека ја менува темата. Прво, Кичеец објаснува дека со Камчев се зближил кога се скарале со Сашо (Мијалков н.з.) и дека нема големи заеднички инвестиции со Камчев.
Во седмиот разговор, Боки-13 му вели на Кичеец дека Орце сега ќе треба да плати повеќе отколку што ќе плател за „лиценца“, на што Кичеец сугерира дека што и да прави треба да биде нормално.
Што е по тебе нормално? По мене, да му земам дупло од тоа. Да му земам 8, 9,
вели Бојан Јовановски.
– Ти ако сакаш можеш и 20 да му бараш, работата е да биде …
реплицира Кичеец.
„Е така, јас тоа мислам дека за него е п….н дим, со оглед на тоа цел предмет го знам“,
вели Јовановски.
Разговорот завршува со понуда од Боки до Кичеец „да се стави и он“ во работата. Кичеец одбива да има финансиски интерес за посредништвото.
Кичеец: Без 1%, никаков интерес
Последните три разговори се пократки. Во нив можат повторно да се препознаат гласовите на Бојан Јовановски и на Зоран Милески.
Јас знам со која чесност сум настапил. Кој што сака, кај сака нека пријави. Знам со која чест сум бил према него. Ако сум бил чесен према некој, најчесен, тоа е према него,
се слуша Кичеец.
Генерално, содржината на сите е слична, дека Кичеец немал финансиски интерес во посредувањето меѓу Камчев и Јовановски.
Ова не се први разговори кои излегуваат во јавноста за случајот „Рекет“. Една група се појави и во декември минатата година. Во „размената“ на прислушувани разговори по социјални мрежи имаше обид со аферата да биде поврзан тогашниот премиер Зоран Заев.
Таков беше и случајот од овие два дена. Вчера објавените скратени разговори, резултираа со текстови за политичка вмешаност на власта во дел од медиумите и прес-конфенција на опозицијата. Сепак, денеска објавените целосни материјали одат контра таа теза.