Речиси половина од новите случаи на ковид-19, кои се регистрирани во земјава во последново деноноќие, се граѓани од Општина Куманово.
Од вкупно 66 новооткриени заболени пациенти во земјава, 27 се од Куманово, со што бројот на заболени во оваа општина достигна 262 лица.
Според бројот на заразени, единствено пред Куманово предничи Скопје, каде што досега се откриени 339 заболени лица.
Поради брзото ширење на коронавирусот во Куманово, пак, каде што има и најмногу заболени здравствени работници, владини претставници денеска беа на средба со општинскиот кризен штаб.
Барањето на општината да се воведе 14-дневен карантин, техничкиот премиер Оливер Спасовски изјави дека се разгледува и е опција како мерка. Сепак, посочи дека лично не верува дека тоа е неопходно.
„Јас не сум многу приврзаник за такви најстроги барикади, затоа што компарацијата на Дебар и Куманово не е сосема иста. Но, ќе дискутираме и за овие прашања во однос на 24-часовно затворање на Куманово. Ако тоа е мерка што ќе ја предложат и стручните лица, ќе ја воведеме“,
изјави Спасовски.
Спасовски уверува дека кумановската болница, каде што досега се регистрирани 44 заболени здравствени работници, е во добра кондиција и може да работи, а посочи и дека во тек е тестирање на сите вработени.
Поврзани вести:
Кризниот штаб во Куманово бара 14-дневен карантин и кризна состојба по примерот на Дебар