За ресорниот министер Азир Алиу, шесте сали ќе се отворат најдоцна до 4 јули. Според директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, пак, отворањето би се случило „некаде до 10 јули“
Претходно, директорот на Детска хирургија за „360 степени” изјави дека „прес извесно време, на состанок во Министерството помеѓу претставници на изведувачот, клиниките и инвеститорот, од страна на директорите на Клиниките беше укажано на низа недостатоци во изведувањето на проектот за кои изведувачот презеде обврска дека ќе ги отстрани”

Министерот за здравство и директорот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) не можат да се договорат кога точно ќе проработат шесте оперативни сали кои ги промовираа за комплетно реновирани уште пред три месеци.
Откако „360 степени“ објави дека салите кои беа промовирани на почетокот на април, и тоа во присуство на премиерот, претседателот на Собранието и повеќемина министри, сè уште не се ставени во функција, ресорниот министер Азир Алиу вчера кажа дека ќе проработат најдоцна до 4 јули.
„Странските експерти што во моментов работат ми рекоа дека до 29 јуни максимум целата верификациска постапка ќе биде завршена. Еве, јас им давам можност плус еден ден – до 30 јуни тоа да биде завршено, и после 3 дена, според Институтот за јавно здравје, треба трипати да има негативни резултати од брис. Бидејќи за еден брис, за еден наод треба 24 часа, значи плус три дена, цениме дека до 3 максимум 4 јули, операционите сали треба да имаат пациенти внатре коишто ќе бидат опслужени со здравствени услуги“,
изјави Алиу.

Прес-конференцијата на министерот се одржа вчера во 10 часот претпладне. Истиот ден вечерта, гостувајќи во централниот дневник на МРТ 1, директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски, кажа друг датум за отворање на салите.
„Веќе се валидирани салите, очекуваме некаде во почеток на јули, некаде до 10 јули би требало да влеземе во оперативниот блок и да работиме“,
изјави Мерџаноски.

Од шесте обновени сали, две се за ТОАРИЛУЦ, две за Урологија и две за Клиниката за детска хирургија. За магазинското ТВ-издание на „360 степени“ неделава, став за застојот со салите побаравме и од првите луѓе на трите споменати клиники.
Како што објавивме во емисијата, иако беше во странство, прв ни одговори в.д. директорот на Детска хирургија, Лазо Јовчески. Тој немаше точна информација кога салите би биле пуштени бидејќи проектот го води ресорното министерство. Но, ни изјави дека салите имале недостатоци.
„Пред извесно време, на состанок во Министерството помеѓу претставници на изведувачот, клиниките и инвеститорот, од страна на директорите на Клиниките беше укажано на низа недостатоци во изведувањето на проектот за кои изведувачот презеде обврска дека ќе ги отстрани. За ова постои документација во Министерството. После коригирањето на недостатоците, ќе чекаме употребна дозвола и ќе ги тестираме инсталациите за електрична енергија, инсталациите за гасови, вентилацијата и доколку соодветствуваат на пропишаните стандарди, ќе спроведеме микробиолошки тестови неопходни за почеток на работа на салите. Од погоре наведените причини, не би можел да одговарам кога ќе профункционираат салите. Сѐ надевам дека ќе биде многу скоро, но тоа е надвор од нашата контрола како установа“,
кажа Јовчески и посочи дека Детска хирургија се снаоѓа за да не трпат пациентите.
Кога го побаравме директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, тој првично ни кажа дека се координира за да ни даде изјава, но до објавување на прилогот пред два дена, не добивме негов став. Изјава во камера не даде ни директорот на Урологија, Башким Шабани. Тој телефонски ни посочи дека во моментов се спроведува технички прием, но и дека операциите не се во застој оти персоналот таму работи во две смени.
На вчерашната прес-конференција министерот Алиу рече дека овој период нема врска со отстранување пропусти, туку со административни процедури кои се задолжителни.
„Ако ви давам датуми и ви велам дека веќе се верификуваат сите инсталации, значи дека нема пропусти, туку има фаза на верификација. Имаше само едно барање од типот – за миење раце било помало отколку што тие очекувале, па било сменето. Како и да е, овој период нема врска дали има пропусти, туку со административни процедури кои се неопходни, и тој протокол мора да го следиме“,
рече Алиу вчера.
Инаку, на 6 април годинава, недостасуваше само претседателката за целиот државен врв да присуствува на промоцијата на шест реконструирани хируршки сали во Клиничкиот центар во Скопје.

На прашање на „360 степени“ – зошто се правеше маркетинг уште во април, министерот Алиу кажа дека ако не ги промовирале тогаш, сега физички не би можеле да влезат, оти во тек е верификациска постапка. А ги промовирале, оти смета дека тоа им е работа – да покажат како ги трошат парите на граѓаните.
