Поранешниот генерален секретар на Владата, а сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма, Драги Рашковски, во изјава за ТВ24 вели дека одморот за Мексико го испланирал пред неколку месеци и не може да знае однапред што ќе се случува на политичката сцена.
„Одморот ми е планиран пред неколку месеци. Така да искрено не можам да знам однапред што ќе се случува на политичката сцена неколку месеци подоцна. А во однос на тоа зошто Мексико: затоа што цените на хотелите не биле никогаш поевтини. Проверете на ’Букинг‘. За 14 дена имате хотели со 4 ѕвезди за 350 евра“,
вели Рашковски.
Рашковски периодот е актуелен за набавката на софтверот во времето кога беше генерален секретар на Владата, сторија за која објави „360 степени“.
Денеска на оваа тема зборуваше и шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција Вилма Русковска која порача дека доколку ниту еден орган не преземе дејствија за расчистување на сомнежите за набавката, обвинителството за кое таа е задолжена веројатно ќе отвори предмет.
Премиерот Зоран Заев, пак, денеска рече дека лично се уверил оти во набавката на софтверот нема ништо спорно, но ги повика институциите да го проверат случајот. Сепак, премиерот не кажа зошто е купен софтвер од 81 000 евра што никој ниту го барал, ниту планира да го користи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, покрај прозивките за софтверот, денеска имаше и низа реакции за заминувањето на одмор и на Рашковски и на вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, велејќи дека кризата важи само за народот, додека функционерите се луксузираат.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска дека нема да коментира лични одлуки и дека владините функционери нема да треба да одат во 14-дневен карантин откако ќе се вратат од нивните одмори затоа што не се во Африка, а посочи и дека не е загрозена работата на Владата во делот на кризното менаџирање.