Софтверот е набавен за потребите на Владата, во рамките на потребите за остварување на нејзините активности и законски предвидени обврски за правење анализи. Софтверот е набавен со цел да се интензивира процесот на инклузија на сите можни чинители кои имаат знаење, можност и вештини, со цел да се намали бројот на жртви во сообраќајот, бројот на повредени и да се намали она што можеби е најмалку битно, меѓутоа претставува проблем за луѓето, а тоа е материјалната штета во сообраќајните несреќи, рече Рашковски
Рашковски, одговарајќи на прашање зошто ако софтверот е само за аналитички потреби во неговиот наслов стои и терминот казнување, посочи дека побарале од судот, кога ќе дојде на ред презентирањето на доказите на одбраната, да се изврши тестирање на софтверот во живо пред судот и да се види како сето тоа функционира
Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски по денешното рочиште за случајот „Софтвери“, одоговарајќи на новинарски прашања, рече дека набавката на системот не била за имплементација во Владата со цел таа да казнува, туку за потребите на изготвување анализи за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
„Софтверот е набавен за потребите на Владата, во рамките на потребите за остварување на нејзините активности и законски предвидени обврски за правење анализи. Софтверот е набавен со цел да се интензивира процесот на инклузија на сите можни чинители што имаат знаење, можност и вештини, со цел да се намали бројот на жртви во сообраќајот, бројот на повредени и да се намали она што можеби е најмалку битно, меѓутоа претставува проблем за луѓето, а тоа е материјалната штета во сообраќајните несреќи“,
рече Рашковски.
Тој нагласи дека во текот на досегашниот судски процес успеале да ги побијат тезите на Обвинителството и да докажат дека софтверот е набавен на „комплетно законски начин со почитување на сите законски процедури“.
Тоа, како што посочи поранешниот генерален секретар, а сега обвинет, Драги Рашковски, го покажало, како што тврди, и денешното сведочење на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На забелешка на новинарите дека министерот Спасовски не кажа дека софтверот е набавен за Владата или за МВР, туку дека не е запознаен дека се набавува софтвер, Рашковски одговори дека министерот кажа дека секоја институција во рамките на своите буџети се кои располага врши набавките согласно расположливите средства.
Рашковски, на повторна новинарска забелешка дека МВР е надлежно за софтвери за мерење брзина на возила во сообраќајот и за изрекување казни, додаде дека министерот потврдил оти Владата има доделувано грантови преку фондови за иновации или преку Генералниот секретаријат до невладини организации или правни, со цел во процесот на инклузија да се подобри безбедноста во сообраќајот.
Рашковски, сепак, рече дека Владата апсолутно ниту може ниту треба да казнува и оти казнувањето е во рамките на надлежностите на Министерството за внатрешни работи.
На конкретно прашање зошто го набавил софтверот, тој повтори дека тоа е направено за потребите на анализа што требало да покаже каде се слабите точки и кои се најчестите причини за предизвикување на сообраќајните несреќи.
„Кога ќе дојде нашиот ред за презентирање, ќе видите кои сè анализи ги прави софтверот и ќе видите кои сè анализи ќе придонесат и придонеле и ќе дадат инпут за да се развива безбедноста во сообраќајот во државата“,
рече тој.
Рашковски, одговарајќи на прашање зошто ако софтверот е само за аналитички потреби во неговиот наслов стои и терминот казнување, посочи дека побарале од судот, кога ќе дојде на ред презентирањето на доказите на одбраната, да се изврши тестирање на софтверот во живо пред судот и да се види како сето тоа функционира.
„Насловот е определување на просечна брзина меѓутоа софтверот има и други мислам 13 функционалности, дали е тоа носење на појас, поминување на црвено светло дали е тоа претекнување на полна линија, меѓутоа во насловот вие не можете да ги ставите сите функционалности. Во делот на насловот е она кое што предизвикува некакво си да кажеме внимание е казнувањето, меѓутоа софтверот мора да даде аутпут кој прекршил и прекршувањето го прави на тој начин, а не дека тоа се изречени казни или им стигнале на домашна адреса на лицата кои се затечени. И целиот процес на анализа, ако го видите е апсолутно заштитен во смисла да никаде во извештаите кои се подготвувани не стои конкретна регистарска таблица туку статистички, на пример булеварот Партизански одреди кога сме вршеле испитување имало 240 возила кои поминале, од нив 120 извршиле пречекорување на дозволената брзина и тоа кога ќе дојде време ние побаравме од судот да дозволи да ја донесеме опремата тука и во живо да тестираме и да видите како сето тоа функционира“,
рече Рашковски и додаде оти не гледа причина зошто судот не би дозволил такво нешто.
Прашан дали морало да се набави софтверот за да се прават анализи, тој изјави дека ако тоа не било случај тогаш анализата ќе морала да се прави со тефтерче.
„Анализата, кога ќе биде изготвена, се доставува до Владата и тоа не е прва таква анализа. И ние велиме нашата анализа покажа тоа, а Владата потоа одлучува дали понатаму, како колективен орган, ќе задолжи некое министерство или нема да го задолжи во насока на понатамошно користење на истото. Ова не е нешто кое ние го правиме заради тоа што во светот не е познато. Земете ја најблиската соседна Србија, проверете колку пари тие потрошија за ваков систем кој што го ставија пред три месеци. Значи ние бевме, но ќе видите има тука и некои други работи кои што ќе ви станат јасни, најмалку две години пред регионот во имплементирање на едно најсовремено решение“,
изјави поранешниот генерален секретар на Владата, сега обвинет во случајот „Софтвери“.
На денешното рочиште меѓу сведоците на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција беше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека не бил запознаен со софтверот на Рашковски ниту, пак, на Влада се дискутирало за ова прашање.
Спасовски, одговарајќи на прашања на обвинителството рече дека МВР на барање на Владата, односно по добиено писмено барање од тогашниот премиер Зоран Заев, работеле на свои анализи за унапредување и надградување на системот „Сејф сити“ (Безбеден град), но оти тие анализи биле за потребите на МВР.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објави дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичниот суд го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021 година.