Иницијативата Отворен Балкан повеќе нема потреба да бара оправдување за своето постоење ниту, пак, треба повеќе да објаснуваме, таа сега зборува сама за себе и ќе разберат оние што имаат визија за иднината и сакаат да нè видат и слушнат, рече Рама
Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Белград на отворањето на лидерскиот самит на Отворен Балкан изјави дека лидерите на земјите членки сериозно ќе размислат да поканат во регионалната иницијатива и други важни земји, но и од ЕУ, важни за тој регион, како на пример Грција, Италија, Турција и Унгарија, јави дописникот на МИА од Белград.

„Иницијативата Отворен Балкан повеќе нема потреба да бара оправдување за своето постоење ниту треба повеќе да објаснуваме, таа сега зборува сама за себе и ќе разберат оние што имаат визија за иднината и сакаат да нè видат и слушнат“,
рече Рама.
Тој кажа дека на оваа средба биле поканети претставници на Италија и Грција, но дека биле спречени да присуствуваат и најави дека секако ќе бидат поканети на следниот самит во Тирана.
Тој посочи дека членките на Отворен Балкан сакаат да извлечат максимум од оваа иницијатива и затоа ги повикуваат и другите земји да се приклучат.
„Сериозно ќе размислиме за испраќање покани до други партнери и земји од ЕУ и никој не треба да ни љубомори. На самитот во Белград денеска присуствуваат и министрите за надворешни работи на Турција и на земја од ЕУ – Унгарија, а тука е и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, кој ќе биде присутен на секој самит“,
додаде Рама.
Рама се надева дека претставниците на Италија и Грција ќе бидат собрани околу тркалезната маса на следниот самит во Тирана и посочува дека се повеќе земји сакаат да бидат поканети на самитите на иницијативата Отворен Балкан.
„За мене ова е само потврда дека Балканот е важен за Европа колку што е и Европа за Балканот и убеден сум дека тоа на сите ќе им стане јасно“,
рече Рама.
Тој додаде дека е важна и „резолуцијата поврзана со документите за идентификација“ на земјите од Отворен Балкан што покажува дека оваа иницијатива има резултати.