Горан Стојановски во отвореното писмо писмо укажува на грешките кои во однос на неговиот случај ги направиле инспекторите кои ги вршеле двата надзори во Куманово и најавува дека ќе поднесе пријави
Раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово и член на општинскиот кризен штаб, Горан Стојановски упати отворено писмо како реакција на денешната прес-конференција на директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова-Бухова, во врска со наодите од двата инспекциски надзори во Куманово, при што укажа на недостатоци кои повлекуваат казни за кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, ЦЈЗ, Итната помош.
Во писмото, кое го објави порталот кумановскимуабети.мк Стојановски во изнесува шест забелешки на она што беше кажано на прес-конференција, при што првата забелешка е дека тој е лицетот кого Сотирова Бухова го спомена како „Г. без презиме“.
„Не е точно дека не го знаете моето име и презиме, рековте, ве цитирам ‘Г. ‘ без презиме, со оглед дека Вашите инспектори вршеле контроли во повеќе институции во врска со мене, во ПЗО кај Матичниот лекар, во СВР Куманово, во ЦЈЗ кај инфектолог, во Брза помош, на Инфективно одделение Куманово, на одделението за ренген, во одделот за лабораторија, на клиниката ‘Жан Митрев’ и клиниката ‘Систина’“,
пишува Стојановски.
Тој понатаму го оспорува тврдењето во наодот дека лицата немале посериозни здравствени проблеми за да побараат интервенција и наведува неколку дијагнози кои ги има: кардиоваскуларни проблеми, миокардит, позициониран левограм на срцето предизвикан од дискус – хернија на желудникот, висок крвен притисок и ред други хронични заболувања за кои вели дека во доказната постапка би ги добиле од неговиот матичен лекар.
Стојановски исто така ја спори изјавата на Бухова дека на евентуален преглед можат да се јаваат лица со ковид-19 исклучиво во животозагрозувачка состојба, па цитира дел од решението во кое како што вели, пишува: „Доколку лицето во текот на лекувањето и изолацијата има потреба од болничко лекување, претходно треба да се јави на тел. 192 со цел да му биде овозможено напуштање на домот“.
Стојановски тврди дека го испочитувал и се држел до протоколот, и се јавил на овој телефонски број, како што вели „со име и презиме, со јасно дефинирана патека на движење“.
Раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи во Куманово исто така и укажува дека поради нефункционирање на системот не бил ставен во базата на ковид-19 асимптоматично позитивни, за да може матичниот лекар да го преземе и да го вклопи во протоколот „Мој термин“, од каде ќе може да ја следи неговата здравствена состојба како позитивен на ковид-19 и да креира упати по евентуална потреба до одделенија и клиники.
„За Ваша информација, мојот матичен лекар, самостојно, без да ме превземе од базата која треба Министерството да ја објавува, самиот креирал протокол преку ‘Мој термин’ за да може да реагира во состојби ако и кога моето здравје е загрозено, и тоа на ден петок 24.04.2020 година. Добронамерна сугестија кон Вас: Упатете ги Вашите инспектори кон Министерството и Институтот за да направат увид зошто не Ви функционира овој систем“,
пишува Стојановски.
Стојановски забележува и дека на сопствен трошок се тестирал на ковид-19, бидејќи според протоколот ниту регистриран асимптоматски ковид-19 позитивен пациент нема право на тестирање ниту преку „Мој термин“ кај матичниот лекар ниту преку епидемиолог и инфектолог, доколку е биде исполнет алгоритмот.
„Тоа значи да сте станале веќе пациент кој чека на врата на Инфективна клиника Куманово или Скопје за да легне мртов болен како би можел да се тестира постхумно. Во мојот конкретен случај Вие ме обвинувате дека плаќајки го тестот од сопствен семеен буџет сум направил штета на Фондот за здравство. Да повторам за да сфатите – јас тестирање не направив на товар на Фондот како некои други, туку од сопствен џеб“,
пишува Стојановски во отвореното писмо- реакција на наодите од ДСЗИ.
Тој ја обвинува директорката Сотирова-Бухова дека му пресудила без суд и му одредила казна, без да му дозволи да ја каже неговата страна.
„Директорке Сотирова-Бухова креиравте голем преседан, не сте ни свесни дека направивте кривично дело согласно Законот за заштита и тајноста на лични податоци, јавно ми ги соопштивте резултатите од тестирањето, а згора на тоа и лажно ги презентиравте, а за тоа немате никакво право“,
вели Стојановски најавува дека преку адвокат ќе поднесе пријава, бидејќи како што вели директорката на ДСЗИ направила грешка во толкувањето на неговиот тест.
„Имено, моите два резултати кои се дискутабилни, а за кои денес презентиравте пошироко, (добиени на 22.04.2020) од извршеното дополнително приватно тестирање направени во две клиники по насоки и укажувања од страна на мојот матичен лекар кој перманентно го следи моето здравје, а пак кој во исто време и претходно согласно симптоматологијата која воопшто ја немав, беше сигурен дека се работи за некаква грешка или превид во однос на првичниот позитивен резултатод 12.04.2020. Првиот PCR тест изготвен во референтна лабораторија, како и вториот брз RAPID тест за антитела и IgG и IgM се негативни и укажуваат на фактот дека нити сум дошол во контакт со инфициран од Ковид-19, ниту пак воопшто станува збор, кај мене, во мојот организам, за некакво си заразување со ковид-19“,
тврди Стојановски.
На крајот, Стојановски вели дека сакаа да верува дека лабораторија при Институтот за јавно здравје при прегледување на неговите брисеви има направено превид или случајна грешка, а не дека позадината е нешто сосема друго.
„Пак ќе кажам, не поради страв од жигосување или стигматизмот кон мене, туку од свесноста да укажам на можните грешки, таа е поголема од се’ друго, потребата од сознанието и просветленоста кон другите. Да укажам на фактот дека се работи за луѓе, а не за бројки, да го поттикнам чувството на одговорност кон сето она што го правиме и говориме“,
реагира со отворено писмо раководителорт на Регионалниот центар за управување со кризи во Куманово, Горан Стојановски.
Стојановски заедно со градоначалникот Димитриевски, на прес-конференцијата на директорката на ДСЗИ, беа споменати дека направиле пропусти со тоа што го прекршиле решението за домашно лекување што им било издадено како на лица позитивни на ковид-19 и го напуштиле домот и минатата недела заминале на тестирање во неколку лаборатории во Скопје.
*Поврзана вест
Димитриевски за наодите на ДЗСИ: Ова е класичен монтиран случај